Skip to main content

Четири години војна во Украина: Mирот ни блиску ни далеку

Впјната во Украина во 2022 година беше почеток на најголемата војна во Европа по 1945 година.

Утрото на 24 февруари, рускиот претседател Владимир Путин го објави почетокот на „специјална воена операција“ во Украина. Во своето обраќање војната ја оправда со тврдења за „демилитаризација и денацификација“ на Украина, заштита на населението во Донбас и наводната закана од ширење на НАТО на руските граници.

Во првите часови беа лансирани проектили врз воени цели, командни центри и инфраструктура низ целата земја. Руските сили тргнаа од Белорусија кон Киев, од Русија кон Харков и Донбас, и од Крим кон југот. Планот беше брз да се скрши Украина и политичка промена во Киев.

Тоа не се случи.

Украински отпор

Претседателот Володимир Зеленски остана во главниот град, а битката за Киев стана првата голема пресвртница во војната. Борбите околу аеродромот Гостомел, запрената руска колона северно од градот и силниот отпор на украинските сили го урнаа планот за брзо заземање на престолнината.

Веќе на крајот на март, руските сили се повлекоа од северот на Украина

На почетокот на војната Европската Унија реагираше обединето и брзо, воведувајќи опсежни пакети санкции против Русија, вклучувајќи замрзнување на имотот, исклучување на дел од банките од системот SWIFT и ограничувања за извоз на технологија. ЕУ истовремено иницира финансиска и воена помош за Украина и за првпат ги активираше инструментите за заедничка набавка и испорака на оружје.

Тогашниот американски претседател Џо Бајден ја осуди војната како „неиспровоцирана агресија“ и најави силни економски санкции, координирани со сојузниците. Администрацијата во Вашингтон брзо одобри големи пакети воена и финансиска помош за Киев, нагласувајќи дека САД нема директно да влезат во војната, туку ќе ја поддржат одбраната на Украина.

Веќе во првите недели од војната почнаа преговори меѓу руските и украинските претставници во Белорусија и Турција, разгледувајќи ја неутралноста на Украина, безбедносните гаранции и статусот на окупираните територии.

Опсадата на Мариупол во првата година стана една од најважните битки на војната. Градот имаше пресудна стратешка вредност бидејќи ѝ овозможи на Русија воспоставување копнен коридор меѓу Донбас и анектираниот Крим.

Неговиот пад во мај 2022 година ја зацврсти руската контрола над јужниот правец.

Исцрпувачки конфликт

Веќе во првите денови од војната руските сили го зазедоа подрачјето околу нуклеарната електрана во Чернобил, што предизвика глобална загриженост. Уште посериозна ситуација се развиваше околу нуклеарната електрана Запорожје, најголема во Европа. Постројката повеќепати остана без надворешно напојување и се наоѓа во близина на борбени дејствија, што го зголемуваше ризикот од нуклеарна несреќа, особено по неколкуте украински гранатирања врз областа.

Како што одминуваше војната, таа прерасна во исцрпувачки конфликт во кој логистиката, индустриските капацитети и технолошката приспособеност стануваат пресудни.

Сè поголема улога добиваат беспилотните летала, од комерцијални дронови приспособени за боиштето до софистицирани системи со долг дострел.

Дроновите служат за извидување, наведување на артилеријата и прецизни напади врз складишта, аеродроми и енергетска инфраструктура, а стануваат едно од најважните и најраширените оружја на војната.

Војната добива нова, асиметрична димензија во која релативно евтини технологии можат да нанесуваат стратешки значајни удари.

Во есента 2022 и во текот на 2023 година Русија ги интензивира ракетните и нападите со дронови врз украинската енергетска мрежа, за да ги ослаби одбранбените капацитети. Истовремено на боиштето се води војна на исцрпување – бавни, крвави напади врз утврдени положби во Донбас, со големи загуби на двете страни.

По нападот врз Дњепар во ноември 2024 година, Путин во телевизиско обраќање рече дека Русија лансирала нова конвенционална ракета со среден дострел под името Орешник, што на руски значи лешник.

Тој рече дека оружјето патувало со брзина од десет маха или 2,5-3 километри во секунда, додавајќи дека „моментално нема начин за спротивставување на ова оружје“.

Бунтот“ на Пригожин

Внатре во Русија доаѓаше до драматични настани. Во јуни 2023 година приватната воена компанија Вагнер, под водство на Евгениј Пригожин, почна „бунт“ против рускиот воен врв, обвинувајќи го министерството за одбрана за неспособност и предавство.

Силите на Вагнер зазедоа воени објекти во Ростов на Дон и тргнаа кон Москва, но „бунтот“ беше брзо запрен по договор. Неколку месеци подоцна Пригожин загина во пад на авион во Русија, што многу набљудувачи го толкуваат како симболичен крај на отворениот предизвик кон Кремљ.

Крим, кој се припои кон Русија во 2014 година, постепено престанува да биде сигурна заднина. Украина напаѓа воени аеродроми, складишта и поморски цели, вклучувајќи ја и експлозијата на Керчкиот мост, кој ја поврзува Русија со Крим.

Војната се прелева и на руска територија; Белгородската, Курската и Брјанската област се изложени на гранатирање и прекугранични операции.

Одделни украински или проукраински формации накратко заземаат погранични села, додека дронови погодуваат воени цели длабоко внатре во Русија, вклучувајќи аеродроми, складишта за гориво и објекти во близина на Москва.

Број на жртви

Проценките за жртвите значително се разликуваат, но се говори за стотици илјади загинати и ранети од двете страни.

Руските загуби се сметаат за многу високи, особено по долготрајните борби во Донбас и мобилизацијата на резервисти, додека украинските сили претрпеа огромни загуби во исцрпувачките битки како Бахмут и Авдијивка.

Цивилните жртви се бројат во десетици илјади, а повеќе од десет милиони луѓе беа присилени да ги напуштат своите домови. Уништувањата на инфраструктурата, енергетските постројки и станбените населби ги менуваат демографската и стопанската слика на земјата.

Руската економија поминува низ приспособување; рубљата доживува нагли осцилации, западните компании го напуштаат пазарот, а државата ја зголемува воената потрошувачка.

Иако високите цени на енергенсите во почетната фаза го ублажуваат ударот, долгорочно се бележи технолошка изолација и раст на зависноста од пазарите како Кина и Индија. Војната поттикнува милитаризација на економијата и пренасочување на ресурсите кон одбранбениот сектор.

Трајни последици

Американскиот претседател Доналд Трамп во текот на предизборната кампања тврдеше дека војната ќе ја запре „за 24 часа“ кога ќе ја преземе должноста. Тврдеше дека со лични преговори со Путин и Зеленски брзо би постигнал договор, одржа низа состаноци со двајцата, но нема поместување во преговорите.

Војната која почна како обид за брза интервенција прерасна во долготраен судир на исцрпување, војна во која ниту една страна не остварува брз пробив, туку настојува да го исцрпи противникот со луѓе, муниција, енергија и политичка волја.

Фронтот се поместува бавно, но политичките, демографските и економските последици се веќе длабоки. Европа е безбедносно трансформирана, а Русија долгорочно конфронтирана со Западот.

Конечниот исход останува непредвидлив, но последиците, не само врз Украина туку и врз глобалните односи, се трајни.

Поврзани вести