
Граѓаните да излезат масовно на локалните избори, за да влеземе што поскоро во град Скопје и да ги решаваме работите, порача денеска премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по средбата со претставници на Стопанска комора на северо-западна Македонија, во рамки на изборната кампања.
– Да влеземе прво во град Скопје. Од оние информации што ги имаме добиено, а се аларматни, таму има многу работи што треба да се решат, пред се, должничко-доверителни односи. Затоа ги замолувам граѓаните да излезат масовно на 19 октомври, Орце Ѓоргиевски да биде идниот градоначалник и да можеме што поскоро да влеземе во администрацијата и да ги надминеме сите предизвици со кои ќе се соочиме, рече Мицкоски, на новинарко прашање.
Според Мицкоски, кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ во скопскиот регион на денешената средба во Стопанска комора на северо-западна Македонија имале искрена и плодна дебата која се темелела на реални и конкретни примери кои треба да се завршат.
Приоритет, најави, ќе биде завршување на патната клучка кај Момин Поток и патот кон Индустриската зона.
– Со право реагираат стопанствениците во овој дел на градот Скопје, бидејќи гледате во каква состојба е пристапот во оваа зона, се уште клучката до Момин поток е до никаде, а учеството на оваа зона во БДП е значително. Тоа ќе ни биде еден од врвните приротети, завршување на клучката и реконструкција на патот до зоната. Исто така, во текот на овој месец очекуваме конечно да се заврши сагата за автопатот Скопје-Блаце и конечно очекуваме да добиеме понуда во рамките на планираните средства што се за таа намена, изјави Мицкоски.