Skip to main content

Коалицијата за зелена иднина на отворен разговор со скопјани за заеднички решенија

ДОМ

Кандидатката за член на Советот на Град Скопје од Коалицијата за зелена иднина и ко-претседателка на зелената партија ДОМ, проф. д-р Ана Угринска, носителот на листата за советници во Општина Карпош и ко-претседател на ДОМ, Александар Анѓушев, заедно со кандидатката за Совет на Општина Карпош, Љубица Шопова, денес беа со промотивен штанд во Градскиот парк во Скопје.

Кандидатката за член на Советот на Град Скопје, проф-д-р Ана Угринска најави дека Коалицијата за зелена иднина ќе бара нулта толеранција за палење на диви депонии, како и ниво расчистување со јасно утврдени рокови, засилени комунални инспекции и строги казни што ќе се извршуваат.

Воведување на чист и функционален јавен превоз. Со воспоставување на приоритетни коридори за еко- автобуси, со нови линии што ќе ја намалат зависноста од автомобили. Реална заштита на најранливите со здравствени аларм-протоколи за деца, постари и хронично болни. Зелени коридори со дрвја и поврзани пешачко-велосипедски рути“, најави проф. д-р Угринска.

Носителот на листата на советници за Карпош, Александар Анѓушев, порача дека оваа скопска општина не смее да прерасне во бетонска џунгла поради профитот и интересите на бизнис моќниците.

Ќе ги штитиме нашите зелените простори, дворови и кејот на Вардар – тие се обележјата на здрава општина и мирно соседство. Предлагаме строга контрола на градбите: висини и капацитети само според плански документи кои ги штитат зеленилото, воздухот и јавните површини. Наместо уште еден шопинг мол, предлагаме нови зелени оази – паркови за деца, места за спорт, училишни градини и зелени коридори што ги поврзуваат маалата. Засадувањето дрвја по улиците и плоштадите не е декорација, тоа е орудие против смогот и летните горештини, тоа е инвестиција во здравјето и иднината на нашите деца“, рече Анѓушев.

Кандидатката за член на Советот на општина Карпош, Љубица Шопова нагласи дека жителите на Карпош сведочат на секојдневно потиснување и узурпација на јавниот простор.

Местата каде што се среќаваме, разменуваме идеи и градиме заедништво, полека исчезнуваат.. Нашата цел е да го вратиме јавниот простор како заедничко добро со јасни и транспарентни правила за користење, редовен надзор и почитување на стандардите што го штитат јавниот интерес. Паралелно, мора да отвориме повеќе можности за алтернативната културна сцена – мали сцени, пунктови за уметност и настани блиску до маалата – за култура што е достапна, жива и инклузивна“, рече Шопова, притоа додавајќи дека кога јавниот простор е слободен и тогаш културното творештво е видливо и препознатливо.

Од Коалицијата за зелена иднина порачаа граѓаните да ја поддржат нивната платформа и да го заокружат бројот 8, затоа што тоа е избор за слободен и зелен јавен простор, за чесна, транспарентна и одговорна локална власт.

Коалицијата за зелена иднина и наредните денови продолжува со средби со граѓаните, со фокус на директна комуникација и непосредно запознавање со нивните проблеми и приоритети.

Поврзани вести