
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Лутков, директорите на Заводот за заштита и Музејот на Македонија, како и претставници на еснафот, денеска претстави еден значаен проект кој претставува голем чекор за оживување на Старата Скопска Чаршија.
„Започнуваме со чистење и уредување на подземниот паркинг на Музејот на Македонија со капацитет за 60 возила и надворешниот простор за уште 60 други. За 10 дена, овој паркинг ќе биде функционален и во служба на посетителите, еснафот и вработените во институциите овде. Ова е само првата точка од една поголема визија за трансформација на Чаршијата,“ изјави Меџити.
Меџити потенцираше дека проектот за Чаршијата не завршува само со отворањето на паркингот кај музејот, туку опфаќа и други конкретни мерки како поставување на подземни контејнери за поефикасно управување со отпадот, целосна реконструкција на калдрмата на улиците Самарџиска, Ковачка, Петар Михов, Сарачка и делумно Папуџиска, како и поставување на подземни кабли заедно со замена на оштетената мрежа на цевки.
„Старата Чаршија ќе биде подостапна, почиста и поатрактивна за туристите, граѓаните и бизнисите. Таа ќе стане жив културен, економски и туристички центар, каде што историјата ќе се почитува, но воедно ќе коегзистира со модерноста. Тоа била и останува мојата визија за Чаир,“ изјави Меџити.
Овој проект, според Првиот заменик претседател на Владата, Изет Меџити, е доказ за непоколеблива посветеност кон одржлив развој, мудри инвестиции и чесна посветеност кон граѓаните и нивното наследство.