
На конститутивната седница на Советот на Град Скопје, новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски упати порака за единство, одговорност и приоритети насочени кон граѓаните. Тој истакна дека новиот состав на Советот има историска улога – да го води главниот град кон стабилен и одржлив развој.
„Оваа седница е јасен знак дека демократските процеси се живи. Граѓаните ни ја дадоа довербата да работиме за нив, а не да експериментираме. Време е за работа, и тоа веднаш“, изјави Ѓорѓиевски.

Како приоритети на неговиот четиригодишен мандат, градоначалникот најави: модернизација на јавниот превоз, инвестиции во нови автобуси и подобрување на сообраќајната сигнализација. Тој посочи дека од првиот ден започнало интензивно чистење на градот, кое ќе продолжи како секојдневна обврска, а не само како краткорочна акција.
„Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Чистиот воздух и уредените зелени површини се темелот на здрав град. Она што вчера го започнавме не е маркетинг – тоа е наша обврска“, додаде тој.
Ѓорѓиевски најави и строга контрола врз урбанистичкото планирање, со посебен акцент на заштита на јавниот простор, како и зголемена поддршка за младите преку проекти во култура, спорт и иновации.

Посебен акцент градоначалникот стави и на транспарентноста: „Скопје ќе биде отворен град. Секој денар од буџетот мора да биде видлив и оправдан.“
На крајот, тој повика на меѓусебна соработка во Советот, независно од политичките разлики, со цел носење одлуки во интерес на скопјани.
„Верувам дека заедно можеме да изградиме модерен, чист и достоинствен главен град – Скопје какво што сите го заслужуваме“, порача Ѓорѓиевски.

Македонски







