Skip to main content

Ѓорѓиевски: Ќе го рестартираме Планетариумот во МКЦ

Ќе го рестартираме Планетариумот во МКЦ, кој ќе стане центар за наука, култура и технологија, каде децата за астрономијата ќе учат со љубопитност. Науката повторно ќе биде достапна, разбирлива и возбудлива, истакна кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

-Во секое училиште ќе обезбедиме пречистувачи на воздух, системи за климатизација и греење со ниска потрошувачка, затоа што здравата и удобна училница е првиот предуслов за квалитетно образование. Ќе ја гарантираме и безбедноста во училиштата, преку програми за превенција на насилство, ангажман на училишни полицајци, видео надзор и едукации за ученици и родители. Ќе го ставиме ученикот во фокусот. Со програмата „Младински оброк“ ќе обезбедиме субвенциониран оброк за секој средношколец, преку Skopje City GO картичката. Ќе воведеме модерни униформи што ќе бидат креирани заедно со средношколците и ќе поттикнуваат еднаквост и достоинство за секој од нив. Воведуваме бесплатно патување низ Европа за првенците на генерација. Девојчињата ќе имаат обезбедени хигиенски производи во училиштата, а за секој ученик обезбедуваме пристап до психолошка поддршка од стручни лица, порача Ѓорѓиевски.

Неговата цел е да бидат поттикнати младите да создаваат и мислат слободно.

-Ќе формираме училишни младински клубови за уметност, музика, театар и технологија, како и кариерни центри што ќе им помагаат во изборот на професија и понатамошно образование. Ќе го изградиме Скопје како град на науката, со современ центар за природни науки, техника и дигитални технологии, во соработка со универзитетите и фондациите. Тоа ќе биде место каде младите од целиот град ќе можат да експериментираат и истражуваат. И затоа велам: оваа програма не е само план за подобри училишта, ова е стратегија за подобро општество. Образованието е клучот што ги отвора сите врати. Со оваа програма, Скопје ќе стане град каде секое дете има шанса, секој наставник има поддршка, а во секоја училница се креира подобра иднина за сите нас, вели Ѓорѓиевски.

Поврзани вести