
Со паролата ,,Профит за Усје, болест за народот” денеска точно напладне од пред Владата започна протестниот марш во организација на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“.
„На хартија бело, во дробови црно“, „Дишеме отров“, „Воздухот не е луксус, туку наше право“, „Станете граѓани, ни ги трујат децата“, беа дел од пораките испишани на транспарентите што граѓаните денеска ги носеа на протестот против загадувањето на цементарницата.
Учесниците на протестот повторно побараа затворање на цементарницата „Усје“, посочувајќи дека економскиот профит не смее да биде над здравјето на граѓаните.
Тие сметаат дека институциите имаат одговорност кон граѓаните и дека барањата за заштита на здравјето и животната средина мора да добијат конкретен институционален одговор.
Од „Стоп за Усје“ бараат поставување независни мерни станици што ќе овозможат 24-часовен мониторинг на квалитетот на воздухот.
„Сè додека тоа не се реализира, не веруваме на тврдењата дека фабриката не придонесува за загадувањето“, велат организаторите.
Протестот продолжи пред Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.

Македонски



