
Претседателот на Собранието Африм Гаши, заедно со Пратеничката група за соработка со Парламентот на Монголија, оствари средба со нерезидентната амбасадорка на Монголија, Сајана Лкхагвасурин.
-Претседателот Гаши изрази задоволство од средбата во време кога се навршуваат 30 години дипломатски односи меѓу двете земји и надеж дека овој јубилеј ќе отвори едно ново поглавје на заедничка соработка. Иако нашата земја е кандидат за членство во ЕУ, сепак е отворена за соработка со сите држави во светот. Исто така, Гаши искажа почит кон Монголија од историски аспект – преку Џингис-хан и од современ аспект – како силен мост меѓу Истокот и Западот. Како претседател на законодавниот дом, ќе се заложи за продлабочување на односите на парламентарно, но и државно ниво. Преку заемни посети и размена на искуства, да се изградат мостови на соработка, соопшти собраниската прес-служба.
Амбасадорката на Монголија изразила задоволство од одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи и најави низа свечени настани во таа чест.

-Таа информира за формирањето на парламентарна група за соработка со Македонското собрание, која е во тек во Монголскиот парламент, што ќе доведе до зајакнати парламентарните релации. Во насока на приближување на народите, беше посочено и што поскоро воведување на безвизен режим, како бенефит за двете земји, се наведува во соопштението.
Претседателката на Пратеничката група за соработка, Мерита Колчи-Коџаџику, „ја искористи можноста да се заблагодари и на почесниот конзул на Монголија во нашата земја, Литов Намдагжанчивин, за неговиот труд и посветеност на зближување на двете земји“.
-Во годината што претстои, најави интензивирана соработка, посебно на културно и туристичко поле. Во овој контекст се надоврзаа и пратениците Тони Јаревски и Драган Недељковиќ, кои упатија заложби за зголемена културна размена и преточување на иницијативите во конкретен документ за соработка, информира прес-службата на Собранието.

Македонски






