
Учениците потврдуваат дека секојдневно има врсничко насилство или булинг преку социјалните мрежи како и исклучување од групи. Ромските ученици најчесто жртви на онлајн насилство. Ученици носат ножеви и боксирачи во ранците, како „заштита“ од потенцијални напади.
Ова се податоците од анализата на Институтот за човекови права кои денеска беа презентирани на форумот во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците на тема „Врсничко насилство како пречка за инклузивност и доверба меѓу заедниците”
Директорката на Институтот за човекови права Јелена Кадриќ, појасни дека истражување спроведено во сите 23 средни училишта во Скопје, покажува дека има мала разлика во перцепцијата меѓу учениците од македонската етничка заедница и останатите во однос на тоа дали има повеќе врсничко насилство по етничка основа и дали жртвите се припадници на некоја малцинска или било која етничка заедница во нашата држава. Според неа, загрижувачки е и тоа што врсничкото насилство е во пораст, особено во основното образование и кај ученици од прво до петто одделение. Најзначајната разлика од истражувањето е дека најголем број од анкетираните деца, особено учениците од ромската популација, се жртви на онлајн врсничко насилство
Најголем број жртви на онлајн врсничко насилство се ученици од ромската заедница. Една третина од нив потврдија дека токму поради нивната етничка припадност се жртви на насилство, истакна Кадриќ.
Иако процентите кај другите етнички групи се приближно исти, наставниците од македонската и другите заедници сметаат дека етничката припадност е основа за насилство, додека албанските наставници не препознаваат дискриминација по тој основ.
Учениците од сите етнички заедници потврдија дека врсничкото насилство најчесто се случува преку социјалните мрежи, не само во училиштата. Наставниците, особено од македонската и другите етнички заедници, кажаа дека основа за врсничко насилство е етничката припадност, за разлика од албанските наставници кои кажаа дека нема дискриминација или врсничко насилство врз основа на етничка припадност, нагласи Кадриќ.
Има и случаи, рече таа, каде што поради врсничко насилство имаше и самоубиства кај деца, малолетници. Форумот откри и загрижувачки информации од проектот со Основното јавно обвинителство каде ученици носат ножеви и боксирачи во ранците, како „заштита“ од потенцијални напади.
Бевме изненадени кога обвинителките прашаа дали носат ножиња и боксирачи. Верувајте, сите во глас рекоа „да“. Бевме запрепастени кога по самите училишта, во ранци, нешто за заштита. Кога ги прашавме зошто, рекоа за заштита. Тоа се алармантни податоци. Затоа велам училиштето и ние како родители, нормално, дома секој си работи со детето, но мораме да преземеме поголеми акции за спречување на нови случаи, потенцира Кадриќ.
Насилството, за жал, зема сè поголем замав и е распространето насекаде во државата, истакна директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците , Далибор Китановиќ.
Затоа денеска храбро зборуваме за оваа тема, со цел да придонесеме кон подобрување на состојбата, особено во образованието, додаде Китановиќ.
На настанот учествуваа претставници од образовни институции, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и ученици од неколку етнички заедници – Турци, Бошњаци, Власи, Роми и Срби.

Македонски







