
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ обвини дека во времето кога инфлацијата во земјата била двоцифрена, а илјадници граѓани живееле на работ на сиромаштија, поранешниот премиер Зоран Заев и негови блиски соработници создале мрежа фирми преку кои се извлекувале државни пари.
„Додека над 600.000 граѓани живееја со 150 денари на ден, Заев и неговите блиски смислуваа начини и формираа мрежи од фирми за да испумпаат државни средства“, се наведува во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Според наводите на партијата, фирми блиски до семејството Заеви добивале пари како подизведувачи на компанијата Марковски компани, која во октомври 2023 година склучила рамковна спогодба со РЕК за ископ на јаловина во вредност од 25 милиони евра.
Во соопштението се посочува дека подизведувачите „Сим инженеринг“ и „Јавор транс“, во сопственост на Симеон и Горан Крстеви, наводно инкасирале милионски износи преку овој проект. Партијата тврди дека Крстеви се лица блиски до Зоран Заев, со кои тој бил поврзан уште од случајот „Глобал“.
„Намерно не биле главни изведувачи за да не се забележат, но парите од државните тендери сепак завршиле директно кај нив“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „овие криминални шеми претставуваат директна злоупотреба на јавни средства“.
Во завршницата на соопштението, ВМРО-ДПМНЕ најавува дека на 19 октомври, според нив, ќе следи „дебакл на СДС“, а граѓаните со гласање за број 9 ќе се спротивстават на „корупцијата, злоупотребите и криминалот“.
Од СДСМ засега нема официјална реакција на обвинувањата.