
Студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу” не е „под клуч” туку се реновира, нешто што 7 години беше научна фантастика, истакна ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.
Најгласни се оние кои не успеаја да заковаат ниту една шајка во домовите. Дури четири претходни министри од времето на СДС не реконструираа ниту еден прозор во домовите, а сега им пречи што двата дома нема да бидат готови до октомври, туку до декември.
Владата предводена од ВМРО–ДПМНЕ ја започна реконструкцијата на студентските домови. Како што и беше најавено двата во Скопје – Стив и Кузман ќе се реконструираат до крајот на календарската година, по што во нив преку конкурс ќе се сместат студенти.
Важно е што Владата обезбеди и неповратен грант од 5,5 милиони евра од ЕУ со што буџетот за реконструкција на домовите се зголеми на над 30 милиони евра. Годинава е зголемени и буџетот за студентскиот стандард за 6 милиони евра, односно за 18% споредбено со лани, кога буџетот го креираше Владата на СДС.
Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има слух за младите и прифати 10тина барања на студентите и се покажува како искрен соработник, посветен на унапредување на студентскиот стандард. Дел од барањата кои се побарани и реализирани се:
– Обезбедуваме ваучер од 250 евра за електронски уред за сите студенти;
– Овозможивме субвенциониран студентски оброк да користат и бруцошите почнувајќи од месец октомври, што порано не беше така;
– Проширен е опсегот на мерката субвенциониран студентски оброк, од април 2025 година повеќе работниот статус не е услов за студентите да го остварат правото, така што субвенциониран студентски оброк користат и редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од просечната нето минимална плата, но и постдипломците;
– Ја откочуваме изградбата на зградите за факултетите ФИНКИ и ФФК;
– Ги олеснивме критериумите за искористување на стипендиите за студентите запишани на студиски програми за наставен кадар;
– За стипендиите за втор циклус на студии во државата, овозможивме да аплицираат студенти со завршени тригодишни додипломски студии, кои порано беа дискриминирани;
– Ги дигитализиравме постапките за остварување на правото на стипендија. Повеќе не се доставуваат хартиени договори и решенија;
– Обезбедивме редовна исплата на студентските стипендии, кои во минатото се исплаќаа на неколку месеци;
– Во 2025 година обезбедивме поголем буџет за студентски стандард – 30 милиони евра, за 18% повеќе од 2024.
Наместо да молчат за егзодусот што го направија во изминатите 7 години во кои има 17 илјади ученици и 7 илјади студенти помалку, тие бесрамно се појавуваат во медиуми и кажуваат нови лаги, велат од ВМРО-ДПМНЕ.