
Нашата визија е Македонска Каменица да стане уште поудобно и современо место за живеење. Затоа ќе продолжиме да реализираме проекти кои носат конкретни и видливи резултати, вели носителот на советничката листа за Макеоднска Каменица на ВМРО-ДПМНЕ, Гоце Стоиловски.
Нашата цел е поддршка на младите семејства, децата, младите, пензионерите и ранливите категории на граѓани.
Предвидуваме ослободување од комунални давачки за првата куќа на брачни парови до 40 години.
Секое новородено дете ќе добива еднократен и месечен детски додаток во период од 9 месеци, а семејствата со три и повеќе деца ќе добиваат финансиски надоместок во траење од три години.
Ќе се зголеми износот и бројот на стипендии за најдобрите ученици во основното и средното образование, како и за учениците кои освоиле државни награди.
Предвидено е зголемување на средствата и за децата и учениците од семејствата во социјален ризик.
Исто така, најдобрите ученици ќе имаат можност за еднодневни и викенд патувања, како и еднонеделни летувања.
Дополнително, воведуваме новина за учениците кои активно учествуваат во општинските проекти. Тие како признание за вложениот труд и активности ќе добиваат соодветна финансиска поддршка од Општина Македонска Каменица.
Ранливите категории на граѓани преку новата програма ќе добијат социјална поддршка и субвенции за инвертер клими, топлински пумпи и велосипеди.
Преку проектот „Грижа во својот дом“, пензионерите ќе добиваат помош и постојана поддршка од обучени лица во областа.
Ќе биде зголемена и поддршката за невладините здруженија кои работат и се грижат за социјална заштита на населението.
Ќе обезбедиме материјали и средства за подобрен престој во детската градинка и дневниот центар во Македонска Каменица, како и документација за изградба на дом за стари лица.
Сите овие мерки и проекти ќе бидат реализирани во соработка со сегашниот и иден градоначалник на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски со одговорно работење на Советот на Општината и правилно користење на средствата од општинскиот буџет.
За сигурна и подобра иднина на Македонска Каменица ве повикувам да ја дадете вашата поддршка за градоначалникот Димчо Атанасовски и за советничката листа предводена од Гоце Стоиловски, кандидати на ВМРО-ДПМНЕ од коалицијата „Твоја Македонија“.
Гласот за број 9 значи глас за продолжување на развојот на Македонска Каменица.