
Во Собранието попладнево продолжи расправата за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица. Како и во претпладневниот дел од расправата, беа упатени барања за оставка на Тошковски, која, беше посочено, е клучна за да излезе правдата на виделина.
Во процедурална забелешка, Борислав Крмов од Левица обвини дека намерно се развлекува дебатата бидејќи паузата што ја побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за да се одржи средба на Тошковски со родителите на загинатите во пожарот во Кочани, траела 2 часа и 20 минути, наместо еден час како што било најавено.
Славјанка Петровска од СДСМ го праша Тошковски дали и по средбата со родителите на загинатите во пожарот се уште е убеден дека не треба да си поднесе оставка.
Трагедијата во Кочани точно е дека е резултат на системски пропусти, ама системот, колеги, има име и презиме или имиња и презимиња и тоа токму на денот на трагедијата. На денот на трагедијата вие министер лично и дел од раководството на Министерството за внатрешни работи покажавте дека не се водите по правото и по законите, туку по основ на брат, братучед, партиски другар и партиска наредба. Ги заштитивте тие што се првопровикани и го прекршиле Законот за полиција. Полициски службеник кој се пензионира пред три години е виновен за тоа што се случило но не и актуелните началници пред да ги разрешите, рече Петровска, обвинувајќи го Тошковски дека „ја контаминирал и попречил“, како што рече, истрагата која е селективна.
Петровска рече дека во тек на мандатот на Тошковски се зголемил бројот на убиства, а меѓу останатото го критикуваше и дека нема резултати со драстичните мерки што ги најавил за подобрување на состојбите во сообраќајот, што ги најавил.
Министерот Тошковски во одговор на Петровска, изрази жалење што, како што рече, „постојано го злоупотребувате гневот, особено на семејствата на трагично загинатите“. Негираше дека се зголемени убиствата откако тој е министер и посочи дека годинава има две помалку од 2023-та и 2024-та година.
Оставка од Тошковски побара и Рина Ајдари од ДУИ која обвини за истрага по етничка линија, што исто така беше отфрлено од Тошковски, кој наведе дека 49 лица од осомничените се Македонци, 10 се Албанци, двајца се Бошњаци, еден е Ром.
Ајдари во реплика рече дека со денешните судски одлуки за опфатените со истрагата за пожарот, поранешниот министер за економија Крешник Бектеши останува во притвор, а поранешните градоначалници во домашен притвор.
Јована Мојсовска од Левица побара одговори зошто оперативната акција во дискотеката започнала во 1.30 часот кога од сведоштвата на дел од присутните полициските службеници влегле во 2.30 часот непосредно пред пожарот, обвинуивајќи дека нема ниту еден осомничен полициски службеник.
Во реплика Тошковски рече дека досега се обвинети 16 полициски службеници, од кои еден е актуелен полициски функционер. Имате легитимно право да отворате прашања, но не заборавајте дека има разлика во тоа како се постапувало порано, а како сега, за поранешните несреќи со 75 жртви немаше ниту една пријава. Не ги напаѓајте полициските службеници, еден загина, а еден си го изгуби чедото, истрагата се уште трае и ве уверувам, дека ќе одговора секој што има вина, рече Тошковски.
Реплицирајќи Мојсовска рече дека не ја обвинила целата полиција туку, како што рече, корумпираните началници и полицајци, кои не виделе дека дискотеката работи на диво без опрема.
На почетокот на расправата министерот Тошковски рече дека не се плаши од одговорност и оти останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми. Се осврна на сите точки од интерпелацијата, вклучително и трагичниот настан во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека во овој случај МВР нема направено пропуст. Тој потенцира дека лиценцата за дискотеката „Пулс“ била фалсификувана, а во однос на пиротехничките средства, нагласи дека МВР работи согласно закон.
Тошковски посочи дека институциите преземаат мерки за сите отворени случаи, меѓу кои и кражбата на марихуана во Карбинци, злоупотребата на службени документи кај припадник на полицијата, и протестите поврзани со случајот со црквата во Галате. Тој ги отфрли тврдењата за етнички предзнак и обвини одредени структури во ДУИ и СДСМ за обид за дестабилизација.
Сѐ што видовме е лажно етикетирање. Треба да нѐ води обврската да ја кажеме вистината и да ја браниме правдата. Не бегам, не молчам, не се кријам. Останувам овде со целата тежина на обврската што ја носам. Секој ден од оваа институција ќе биде заложба вашата болка да не остане само нем сведок на незаборавот. Промените се тука, одговорноста се чувствува, правдата е реалност, рече Тошковски, отфрлувајќи ги сите обвинувања и нагласувајќи дека МВР работи професионално, без селекција и под целосна координација со Јавното обвинителство.
Интерпелацијата, образложи пратеникот од Левица Сашко Јанчев, е базирана на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.
Според Левица, МВР потфрлило со тоа што дало согласност за објектот дека ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир, плус безбедноста на сообраќајот како во сопствените надлежности за проверка на работно време, на гласност и бучавост, на присуство на малолетници после полноќ, на точење алкохол и употреба на наркотички супстанции. -Ништо од ова не е завршено. Да беше завршено, дискотеката немаше да постои, рече Јанчев. Останатите пет основи за интерпелацијата се однесуваат на уапсени граѓани во гостиварско кои чистеле црква, на непостапувањето при палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме, кражбата на марихуана која ја чувала полицијата, за случајот со апсењето и притоворањето на телохранителот на премиерот поради одавање службени тајни, и, како што велат, на катастрофалната кадровска политика во Министерството исполнета со ннепотизам и кронизам.
Против министерот за внатрешни работи беше поднесена интерпелација и во јануари заедно со уште четири интерпелации на владини министри. Тогаш интерпелациите ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИ.