Skip to main content

Сите анкети на МКД.мк и Маркет вижн беа во милиметар точни

Омилената агенција на ВМРО-ДПМНЕ која уште од времето на Груевские платена да ги манипулира граѓаните со лажни анкети е повторно ангажирана, овој пат за сума од 400.000 евра народни пари, реагираа денеска од СДСМ за истражувањето спроведено од Маркет вижн за потребите на МКД.мк, во кое, меѓудругото, покрај огромната поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, се вели и дека граѓаните уште веруваат дека СДСМ не е исчистен од криминалци и дека граѓаните не знаат кој е лидер на опозицијата.

Имено, Маркет вижн пред само неколку недели склучила договор со Владата на рекордна сума од 400.000 евра за да прави анкети и го мери мислењето и задоволството на граѓаните од работата на Владата. Зар некој треба да верува во овие анкети кои служат единствено за да се манипулира јавноста и се во функција на пропагандата на ДПМНЕ. За жал се враќа старата пракса на постојано пласирање на манипулативни анкети кои треба да ги демотивираат граѓаните да бараат промени, но оваа стратегија од времето на Груевски е одамна прочитана, велат од СДСМ.

Од порталот МКД.мк реагираат на ова соопштение потенцирајќи дека веќе седум години редовно објавуваат истражувања на јавносто мислење со агенцијата Маркет вижн и дека сите досегашни објавени анкети сосема реално ја прикажаа ситуацијата во македонското општество.

Но, СДСМ секогаш посакуваат розеви наочари. Така е и овој пат. Денеска СДСМ испратија соопштение со бројни обвинувања за вчерашната и денешната анкета на порталот МКД.мк и агенцијата Маркет вижн. Резултатите не им се по кејф, ама тоа не е прашање за нас или за агенцијата. Зошто се резултатите такви, треба сами да се запрашаат, а не да обвинуваат. Речиси редовно на нашите анкети, оние на кои резултатите не им се допаѓаат реагираат – партии, кандидати, политичари, министри… И секогаш, ама баш секогаш, кога некои избори ќе завршеа, кога некој ќе победеше или изгубеше, споредбата на резултатите од истражувањето со случувањата на теренот беа безмалку еднакви. Така беше и за претходните локални избори, и за претходните претседателски, за парламентарните избори… И редовно, барем во овие последни четири изборни циклуси, реагираше СДСМ, реагираа кандидатите за претседател на државата обвинувајќи за некакви манипулации и нарачани анкети. И редовно по завршувањето на изборите споредбено им ги објавувавме резултатите од истражувањето со резултатите од гласањето и секогаш, речиси во милиметар резултатите се поклопуваа. И еве ги пак денеска СДСМ со ново соопштение мотивирани од резултатите од вчера и денеска објавените бројки од последното наше истражување. Сосема непотребно, лаички, дневнополитички се обидуваат нешто да докажат, иако, верувам дека и самите знаат каде се, какви се и верувам дека знаат што треба да прават. И ова истражување, како и сите претходни други се нарачани и платени од редакцијата на МКД.мк. Тоа СДСМ можеа да го проверат кога беа на власт, а и сега, ако искажат желба, можеме да им ги испратиме сите наши договори и фактури, реагираат од редакцијата на МКД.мк.

Поврзани вести