
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Копенхаген, Кралство Данска, заради учество на Седмиот состанок на Европската политичка заедница.
Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот кабинет, ќе се обрати на панел дискусијата насловена „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани“, со којашто ќе претседаваат францускиот претседател Емануел Макрон и албанскиот премиер Еди Рама.
На состанокот во Копенхаген се поканети 47 шефови на држави и влади. Клучни теми ќе бидат војната во Украина и потребните чекори за посилна и побезбедна Европа во амбиент на конфликтна геополитичка ситуација.
Имајќи ги предвид бројните предизвици што вклучуваат координирани сајбер операции, саботажа на критична инфраструктура и проблеми со миграцискиот прилив, лидерите ќе дискутираат за неопходноста од зајакнување на соработката. Фокусот ќе биде на потребата од преземање поголема одговорност за сопствената одбрана, како и зајакнување на индустриската и технолошката соработка.
Европската политичка заедница е платформа чија основна цел е да го поттикне политичкиот дијалог заради решавање на прашања од заеднички интерес, зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент. Досега се одржани шест состаноци.