
„СДС го спаси обвинителот Коцевски за да се спасат себе си“, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во своја реакција во врска со случајот Кочани. Според него, целата јавна расправија помеѓу СДС и главниот обвинител Љупчо Коцевски била однапред договорена. Сценариото, рече тој, било смислено да се направи привидна расправија. Со тоа СДС јавно го одбрани обвинителот за да го задржи на функција.
„Кога СДС повторно лажно ќе прашаат до каде е истрагата за Кочани, нека се свртат кон нивниот заштитен обвинител Коцевски, кого го спасија и го чуваат на позиција“, порача Петрушевски.
Тој додаде дека јавноста видела како СДС и обвинителот си играле „пинг-понг“ со изјави, сè до моментот кога требаше да се повлече. Тогаш СДС, вели тој, јавно застанал во негова одбрана за да не остане без заштита.
Коцевски не гони криминал, туку ја штити СДС, обвини Петрушевски
„Сите обиди на СДС да создадат хаос паднаа во вода. Не издржаа ниту еден месец. Мораа јавно да се соголат и да покажат дека ќе направат сè за Коцевски да остане на функција“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДС ја користи институцијата обвинителство како сопствен штит. Според него, целата прес-конференциска офанзива за Кочани била само лажно душегрижништво, зад кое стоел договор со обвинителот.
„Коцевски има задача не да гони криминал, туку да ги штити СДС и да им создава материјали за политички настапи“, заклучи Петрушевски.