Skip to main content

Реконструкција на булевар „Теодосија Паунов“ во Општина Кочани, инвестицијата ја обезбеди Министерството за транспорт

Со инвестиција од 88.874.397 денари, финансирана од Владата преку Министерството за транспорт, Општина Кочани ја реализира реконструкцијата на булеварот „Теодосија Паунов“, кој опфаќа дел од потегот од спојот со улицата „Киро Кикенски“ до спојот со улицата „Генерал Апостолски“, односно последниот кружен тек. Вкупната должина на булеварот кој е предмет на овој проект изнесува 2.015 метри, објави на социјалните мрежи премиерот Христијан Мицкоски.


Предвидените активности опфаќаат геодетско обележување и исколчување на трасата, целосно отстранување на постоечкиот асфалт, ископ на земја и доведување до кота на подтло, изработка на тампонски слој, изградба на тротоари со бекатон плочки, асфалтирање во два слоја, систем за одводнување и изградба на потпорни ѕидови. Во моментов проектот е во работна фаза, а реализацијата се одвива согласно предвидената динамика.

Со имплементацијата на овој проект, граѓаните на Кочани ќе добијат модерна сообраќајна артерија која ќе ја зголеми безбедноста и комфорот во сообраќајот, ќе го подигне капацитетот на булеварот и ќе овозможи подобра сообраќајна сигнализација. Пешаците ќе добијат посигурни услови за движење, а деловните и комерцијалните активности ќе бидат поттикнати со новиот урбан изглед. Дополнително, со подобрувањето на инфраструктурата ќе се овозможи повеќе простор за социјални и рекреативни активности, а долгорочната издржливост на булеварот ќе ги намали трошоците за одржување и ќе овозможи средствата на општината да се насочат кон други јавни потреби.
Реконструкцијата ќе придонесе за економски развој на локалната заедница.

Поврзани вести