Skip to main content

Раскол во СДСМ? Мемов прашува кој ја води партијата – Филипче или Спасовски?

Портпаролот на Движењето За наша Македонија, Никола Мемов, на денешната прес-конференција оцени дека вчерашните јавни настапи поврзани со измените на Законот за Влада покажуваат сериозна конфузија, некоординираност и очигледен раскол во редовите на СДСМ.

Според него, во текот на само еден ден од иста политичка адреса пристигнале различни и меѓусебно спротивставени пораки.

„Наместо јасно дефиниран став и политичка конзистентност, јавноста доби изјави што се разликуваат и по содржина и по насока, оставајќи впечаток дека во рамки на СДСМ не постои единствен пристап, ниту координација околу клучните прашања во државата“, рече Мемов.

Тој посочи дека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при посетата на оризопроизводителите во Кочанско, одговарајќи на новинарско прашање изјавил:

„Ние никогаш и никаде не кажавме дека ќе го напуштиме Собранието… Ние ќе излеземе и нема да учествуваме во работата на работната група за Изборниот закон. Не од работата на Собранието.“

Само неколку часа подоцна, според Мемов, координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостување на Сител ТВ изнел поинаков став.

„Другите механизми ќе ги најавуваме така како што ќе доаѓа моментот. Во демократијата ниедна демократска метода не се исклучува, ќе се преземаат секако и други чекори кои се можни…“

Мемов дополнително реагираше и на тврдењата на Спасовски дека немало комуникација и дебата за Законот за Влада.

Според него, ваквите изјави не соодветствуваат со фактите, бидејќи Спасовски бил директно вклучен во процесот, учествувал на работни средби организирани од Министерството за јавна администрација, лично му биле доставени предлог-измените и имал можност активно да се вклучи со свои предлози и забелешки.

„Кога се пласира теза за наводен недостиг на дијалог, а паралелно се најавуваат други можни чекори, неизбежно се наметнува впечаток дека станува збор за обид за редефинирање на сопствената позиција пред јавноста“, рече Мемов.

Тој оцени дека тоа не придонесува за сериозна политичка дебата, туку отвора сомнеж за недоследност и свесно креирање на наратив што не е во согласност со реалниот тек на настаните.

На крајот, Мемов јавно праша кој ја кажува вистината и кој ја води политиката на СДСМ – Венко Филипче или Оливер Спасовски.

Поврзани вести