Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Филипче не може да ги прифатат резултатите што ги постигнува Владата

СДСМ и претседателот на партијата Венко Филипче не можат да се помират со фактот дека државата има Влада која, според ВМРО-ДПМНЕ, успешно ги штити националните интереси и остварува позитивни резултати и на домашен и на меѓународен план, се наведува во соопштение на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека Владата води европска политика без отстапки на прашања што се однесуваат на националниот идентитет и државните интереси.

Во соопштението се посочува дека во изминатиот период државата добила значајни меѓународни признанија и потврди за својата работа. Како пример се наведува посетата на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на Скопје и неговите оценки за напредокот во спроведувањето на Реформската агенда.

Партијата го издвојува и изборот на Македонија за членка на Економскиот и социјален совет на Обединетите нации (ЕКОСОК) за периодот 2027–2029 година, оценувајќи го како значаен дипломатски успех и потврда за меѓународниот углед на државата.

Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ го поздравуваат усвојувањето на нацрт-извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, како и завршувањето на постмониторинг процесот со Советот на Европа, што според нив претставува дополнителна потврда за демократскиот напредок на земјата.

Од партијата сметаат дека Македонија денес гради силни меѓународни партнерства, добива доверба од меѓународните институции и остварува резултати кои придонесуваат за нејзиниот развој и позиционирање на меѓународната сцена.

„Државата оди напред, достоинствено се претставува и се развива“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани вести