Skip to main content

Санчез свика координативен состанок за ситуацијата во Сеута по новиот бран мигранти

Шпанскиот премиер Педро Санчез денес ќе претседава со вонреден координативен состанок со неколку министри на кој ќе се разговара за ситуацијата во Сеута, по масовниот прилив на мигранти од Мароко минатата недела.

Состанокот ќе се одржи преку видеоконференциска врска, а Санчез ќе го води од државната резиденција Ла Марета на островот Ланзароте, објави ЕФЕ.

Целта на средбата е да се координираат активностите на различните министерства и да се проценат понатамошните чекори во одговорот на ситуацијата во енклавата во северна Африка.

На состанокот ќе учествуваат шпанската министерка за одбрана Маргарита Роблес, министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде Марласка, министерката за инклузија, социјално осигурување и миграција Елма Саиз, како и министерката за млади и деца Сира Рего.

Поканет е и државниот секретар за надворешни работи, Диего Мартинез, бидејќи министерот за надворешни работи, Хозе Мануел Албарез, е во Колумбија, каде што го придружува кралот за време на инаугурацијата на новиот претседател на земјата.(МИА)

Поврзани вести