
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Прилеп, Дејан Проданоски, на денешниот митинг во рамките на изборната кампања под слоган Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека се случуваат историски инфраструктурни промени за целосно поврзување на Прилеп со современи сообраќајници, со што општината се враќа на мапата како крстосница и центар на развојот.
„Со силната поддршка на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, веќе се случуваат историски инфраструктурни промени. Модерниот пат од Градско до Фариш е завршен. Во тек е изградбата на автопатот кон Битола, проект чекан со години. Нашиот следен чекор е изградба на нов, современ пат од Фариш до самиот влез на Прилеп. За првпат во историјата, нашиот град ќе биде целосно поврзан со современи сообраќајници и кон главниот град и кон нашиот најголем конзулски град.“, вели Проданоски.
Проданоски ги истакна клучните столбови на кои ќе се темели идниот развој, за урбана обнова на градот, силна економија и нови работни места, квалитетен живот за сите генерации и модерна општина со електронски услуги за граѓаните на општина Прилеп.
„Прво, темелна урбана и еколошка обнова на градот. Конечно ќе го решиме деценискиот проблем со Градската Река. Ќе го уредиме коритото по целата должина од 4,5 километри, ќе изградиме кејски ѕидови, пешачки и велосипедски патеки, ќе поставиме клупи и осветлување. Прилеп ќе биде зелен град. Ќе изградиме два нови, големи паркови – еден во населбата „Градина“ на површина од 14.000 м² и еден кај Волково, кој на 30.000 м² ќе прерасне во излетнички центар за целото семејство. Второ, силна економија и нови работни места, комплетно инфраструктурно ќе ги уредиме индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“. Трето, квалитетен живот за сите генерации, ќе изградиме нова, модерна детска градинка во населбата „Рид“. Следува комплетна реконструкција на Центарот за култура „Марко Цепенков“ и на нашиот театар „Војдан Чернодрински“. Ќе ја реконструираме спортската сала „Македонија“ и ќе работиме на изградба на нов, мултифункционален спортски центар, Четврто, модерна, ефикасна и безбедна општина, ќе воведеме целосни електронски услуги за граѓаните“, рече Проданоски.