Skip to main content

Панел-дискусија во Куманово: „Магичниот пресврт – ‘Што научи?’ или ‘Што доби?’“ во организација на МОН

Четвртата панел-дискусија во рамки на националната кампања  „Магијата е во знаењето“ на Министерството за образование и наука, се одржува денеска во Занаетчискиот дом во Куманово. Темата на панел-дискусијата е „Магичниот пресврт – ‘Што научи?’ или ‘Што доби?’“, со фокус како се менува начинот на кој се вреднува знаењето и резултатите и како наставниците го препознаваат напредокот и потенцијалот на учениците. Панел дискусијата ја истакнува важноста на наставничката професија и влијанието што наставниците го имаат во создавањето на идни генерации.

Државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска во изјавата посочи дека денеска се дискутира за важна работа, „Што научи, а што доби“, каде се потенцира важноста на наученото, знаењата, вештините, но и улогата на наставниците. Според државниот секретар, целта на панел-дискусиите е учениците да разберат дека учат за знаење за вештини, а не за оценка.

– Затоа што во оној момент кога образовниот систем ќе создава ученици со компетенции, со вештини, со знаење, тогаш знаеме дека образованието произведува правилна вредност а тоа е компетентни наставници, ученици со критичко размислување, со развивање на љубопитност, итн. Во рамките на целиот овој процес којшто го работиме, исто така е многу значајно да споменеме дека не е само да работиме на еден сегмент од образованието, па затоа ќе нагласам дека во претходната година инвестирано е и во текот на оваа- инвестирани се вкупно 67 милиони евра во делот на подобрување на инфраструктура, затоа што многу е значајно учениците во каква средина учат. Од овде сакаме да испратиме порака дека оценката не треба да биде крајна и единствена цел, туку образовниот систем да вади компетентни, млади луѓе, млади генерации коишто ќе влијаат на иднината на државата, рече Ивановска.

Бирото за развој на образованието и МОН постојано работата на осовременување и реформирање на образованиот систем, смета директорката на Бирото, Милка Тримчевска.

-Наставните програми и реформите се спроведуваат со еден брз интензитет стигнавме до осмо одделение, веќе и за втора година средно, така што продолжуваме со целите коишто ги имаме поставено во однос на реформирање на образованието, изјави Тримчевска.

Општина Куманово постојано вложува во подобрување на инфраструктурата на училиштата. Во градот општината има 49 објекти на 21 училиште, половина од нив се веќе реконструирани како во урбаните, така и во руралните средини.

-Продолжуваме со реализација и во следниот период. Го чекаме следниот повик на МОН, бидејќи капиталните инвестиции, согласно законот одат преку МОН, изјави раководителот на секторот за образование од општина Куманово, Александар Јовановиќ.

Во Куманово има околу 1.700 наставници.

Хилда Димитриевска, одделенски наставник во ООУ „Крсте Мисирков“, смета дека пораката за учениците е недвосмислена, важно е знаењето и за секој успех е потребно труд и работа.

– Успехот не се мери со оценките туку со стекнатите знаења, а секако дека за тоа се одговорни, како учениците така наставниците и родителите. Наставникот е тој што го води наставниот процес, задача на учениците е да работат, да бидат вредни, да бидат трудољубиви, да не се откажуваат, неуспесите да не ги разочаруваат туку да напредуваат со свое сопствено темпо, рече Димитриевска.

Таа ја истакна и важноста од работа после часовите, на дополнителната едукација преку учество на проекти, воннаставни содржини.

Своето видување го споделија и директор на СОУ „Сами Фрашери“, Даниела Стојановска, наставник во ООУ „Христијан Карпош“ – Куманово и Иван Нацевски, родител на ученик во ООУ „Кочо Рацин“ од Куманово.

Претходните панел-дискусии се одржаа во во Скопје, Прилеп и Тетово.

Поврзани вести