
Општина Ѓорче Петров денеска одбележа 24 години од херојската жртва на деветтемина бранители кои во 2001 година ги положија своите животи кај Љуботенски Бачила, бранејќи ја слободата и независноста на Република Македонија.
Во присуство на семејствата на загинатите, претставници на државни институции, локалната самоуправа, армиски и безбедносни структури, граѓани и соработници, беше оддадена почит со положување свежо цвеќе на спомен-обележјата на Томислав Настевски во Ѓорче Петров, на Споменикот на бранителите во реонскиот парк и на Споменикот на хероите во Волково.
Општината со овој чин ја продолжува традицијата на сеќавање на деветтемина херои: Томе Димоски, Ивица Златевски, Раде Јанковски, Томислав Настевски, Ацо Ангеловски, Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев и Марјанчо Бошковски – македонски синови кои со својата жртва ја одбранија слободата, независноста и достоинството на државата во 2001 година.

На централниот настан се обрати градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој нагласи дека споменот на хероите не смее да избледи, а нивната жртва мора да остане длабоко врежана во нашата национална свест.
– Тие не се само имиња – тие се нашата колективна совест, нашиот завет и нашиот обврзувачки спомен. Нивната храброст ја искова слободата што денес ја живееме. Нашата обврска е да паметиме, но и да раскажуваме – да ја пренесеме нивната жртва на идните генерации. Аманет на сите нас, особено на младите, е да ги носат нивните имиња во срцето и во делата – како вечна искра на слободата што тие ја исковаа, рече Стојкоски во своето обраќање.
Градоначалникот упати благодарност до семејствата на бранителите, посочувајќи дека болката што ја носат тие е заедничка болка на целото општество, но и причина за заедничка гордост.
Во изминатите години, Општина Ѓорче Петров реализираше низа активности и мерки насочени кон поддршка на семејствата на бранителите, како дел од трајниот завет да не се заборави нивната жртва. Со секој ваков настан, општината ја потврдува заложбата на сеќавање, но и на негување на вредностите на државата, како аманет од оние кои ги положија животите за слободна татковина.
– Ова одбележување не е само формален чин – тоа е морална обврска кон оние кои го дадоа најскапоценото за сите нас. Честа и достоинството со кои денес им се оддава признание е најмалку што може да се направи за да се одржи нивниот спомен жив. Нека нивните имиња се изговараат со почит и гордост. Вечна им слава и благодарност. Да живее Република Македонија – подвлече Стојкоски.