
Возниот парк на дебарската територијална противпожарна служба е збогатен со ново теренско возило, за интервенции при пожари на отворен простор, набавено со средства од буџетот на општината.
-На Командирот на единицата, Џетан Мифтароски еве му ги предавам клучевите од новото возило, кое ќе им биде на располагање за зголемување на ефикасноста и подготвеноста при извршување на секојдневните задачи. Им посакав, како и досега, да бидат на висина на задачата, но секако со желба да имаат што помалку работа, изјави градоначалникот Хекуран Дука.

За набавка на новото возило од општинскиот буџет издвоени се средства во износ од 35 илјади евра, а за дополнителните уреди со кои треба да се докомплетира потребни се уште околу 10 илјади евра.
-Нашата ТППЕ интервенира на подрачјето на општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, Општина Маврово и Ростуше, но за нејзино функционирање се грижи само Општина Дебар. Голема благодарност за поддршката и разбирањето што во изминатите години ги имаше за нас градоначалникот Дука, рече Мифтароски.

Според него, во единицата вработени се 14 пожарникари, располага со возен парк, кого го сочинуваат осум возила, пет од нив камиони, а три теренски возила.
Во изминатиот период од годинава евидентирале 92 интервенции, од нив 69 на отворен простор, 14 на објекти, една на сообраќајно средство и 14 технички интервенции.