
Неопдхоно е доуредување во областа на платеното политичко рекламирање за време на изборните кампањи во онлајн медиумите, е заклучокот од денешната конференција „Кликови, пари и влијание: улогите и одговорностите на онлајн медиумите во изборите“ во организација на Метаморфозис Фондација во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), кој се спроведува во рамки на проектот „Пари, медиуми и избори во Македонија.
Главниот државен ревизор Максим Ацески нагласи дека има потреба од подобрување на Изборниот законик, а во суштина тој како што рече, го донесуваат клучните политички актери без да се консултираат со врвната ревизорска институција и надлежните државни органи.
– Имаме потреба од доуредување на областа на платеното политичко рекламирање, бидејќи и покрај тоа што неколку години укажуваме, досега не се преземени активности за доуредување на оваа област, а посебно во делот на интернет порталите. Мора да постои надлежен орган за следење, известување преку електронските медиуми, а пред се интернет порталите. До се доуредат условите и критериумите кои се потребни да ги исполнуваат електронските медиуми за да имаат можност да аплицираат за платено политичко рекламирање во Државната изборна комисија. Да се пропишат јасни и прецизни критериуми за распределба на буџетските средства и доуредување на делот на казнената политика, рече главниот ревизор.
Ацески истакна дека во однос на делот остварени приходи по извори, можеме да констатираме дека за седум учесници во претседателските избори, остварени се 7.479.250 евра, додека 17 учесници во изборната кампања на претседателските избори остварени се 6.268.000 евра.
– Ако ја погледнеме структурата на обезбедените средства за изборната кампања ќе констатираме дека најголемо учество имаат приходите од буџетот на Република Македонија , а тоа е дека изборната кампања за претседателските избори се финансирала со 77 отсто средства од буџетот на државата, односно средствата на даночните обврзници, а додека изборната кампања за парламентарните избори се финансирале со 63 отсто од средствата на даночните обврзници. Процесот на распределба секогаш го уредуваат најголемите политички парти од власта и најголемите политички партии од опозицијата. Вкупните средства за претседателските избори изнесуваат 5.760.000 евра, додека во првиот круг исплатени се 4.010.000 евра, а во вториот круг исплатени се 1.749.000 евра.За интернет и печатените избори во првиот круг, односно за платено политички рекламирање се исплатени 20 отсто средства од претседателските избори, а за парламентарните избори за печатените медиумите изнесува 22 отсто. Најголемо учество во распределбата или добиените средства учествуваат телевизиите, рече Ацески.
Зоран Трајчевски, директор на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), истакна дека во тек на процес е изменување и дополнување на Законот за медиуми со кој, како што рече, ќе се обезбеди препознавање на онлајн медиумите, интернет порталите во медиумската легислатива и ќе се утврдат нивните права и обврски. Целта, како што посочи, е да се придонесе кон зголемување на професионалноста на онлајн новинарството, зголемување на кредибилитетот на онлајн медиумите, намалувањето на протокот на дезинформации и лажни вести.
– АВМУ во два наврати во ноември 2024 година и јануари годинава до Министерството за дигитална трансформација достави мислење и предлози за да се допрецизираат дел од одредбите кои се однесуваат на онлјан медиумите, односно интернет порталите. Токму отсуството на правила за начинот на водење на онлајн кампања беше мотивот Агенцијата да иницира Кодекс за однесување во онлајн просторот вклучително и социјалните мрежи за време на изборните процеси и референдуми. Кодексот беше изработен во 2023 година во соработка со Македонскиот институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Здружението на новинари на Македонија, Метаморфозис и Советот на етика во медиумите во Македонија. Со него се опфаќа однесувањето на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати во онлајн просторот, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлунсерите и други субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдум. Во однос на платеното политичко рекламирање во Кодексот е посочено дека тоа секогаш треба да биде јасно означено како такво, јасно да бидат означени неговите нарачатели, а во случај кога нарачатели се трети лица политики партии, нивни кандидати и независни кандидати треба да произнесат каква е нивната поврзаност со нив. Истовремено треба да се обезбеди транспарентност и во однос на потрошените средства за платено политичко рекламирање, на социјалните медиуми и другите онлајн алатки, рече Трајчевски.
Тој нагласи дека на последните изборни кампањи било забележливо дека носителите на јавни функции кои беа кандидати за претседател или за пратеници своите Фејсбук профили ги користеа за отворено вршење изборна кампања, платени политички рекламни спотови, постери за кампања, преноси во живо или снимени видеа од нивни говори одржани како дел од кампањата, фотографии, видеа од средби со граѓани итн. Според него, ва е едноставно и брз начин политичките субјекти да мобилизираат поголема бројка на поддржувачи и да допрат до поголем број на гледачи. Нагласи дека водењето кампања на социјалните мрежи во нашата земја воопшто не е регулирано.
-Додека за интернет медиумите, односно електронските портали има неколку правила во Изборниот законик и тие се однесуваат на рекламирањето, финансирањето односно давањето донации на политичките партии и независните кандидати, начинот на покривање на изборите, објавување на ценовници и доставување на извештаи за рекламирањето. Овие правила се однесуваат за електронските медиуми, односно интернет порталите кои се регистрирани во ДИК. Агенцијата сметаше дека е потребно да има дополнителни правила за нив, односно интернет порталите да имаат импресум, мк домеин, транспарентна сопственичка структура, како и да работат повеќе од една година доколку добиваат буџетски средства за платено политичко рекламирање. Овие ставови беа изнесени како предлози во рамките на работната група за измена на изборниот законик формирана од Министерството за правда во 2023 година која Агенцијата ја предводеше подгрупата за медиумите. Текстот со амандманите кои произлегоа од работата на оваа подгрупа Министерството за правда ги испрати до Собранието но Собранието не ги зеде во предвид предлозите кои беа доставени, рече Трајчевски.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски потенцира дека Владата не планира насилно или еднострано да прави промени на Изборниот законик, туку, како што рече, тоа да се прави исклучиво доколку постои за тоа интерес, и во согласност од сите политички партиии во Собранието.
-Претставувањето во медиуми за време на изборите е регулирано во Изборниот законик (ИЗ). Како што знаете до сега постои добра пракса во Македонија да ИЗ се менува единствено со согласност на сите чинители во Собранието. И сметам дека на тој начин треба и да се продолжи, да се има во вид дека на 6 месеци пред избори не би требло да се прават позначајни промени на ИЗ, да се имаат предвид препораките на ОБСЕ и ОДИХР, и секако она за што ќе се договорат политичките чинители во Собранието да биде преточено во изборна регулатива. ИЗ е во надлежност на Министерството за правда и таа имаше една работна група пред изборите која што правеше определени анализи и промени на ИЗ. Но немам дополнителни информации дали таа работна група престанала да функцинира, дали нова е оформена. Но секако се направи грешка пред изборите да не бидат вклучени сите политичките чинители во анализи и промена ИЗ, што резултираше да тој не помине во таа форма во Собранието. Така што мојот апел е да се консултираат политичките чинители пред да се применат било какви промени на ИЗ, рече министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање дали до неговото Министерство се побарани некакви активности за заштита на изборниот процес за време, Андоновски нагласи дека досега не е побарано но посочи дека стојат на располагање за било какви консултации или помош.
-Досега не е побрано заштита или коментар или некакво мислење од Министерството за дигитална трансформација, но стоиме на располагање кога ќе започне изборниот процес, кога ќе бидат распишани изборите, стоиме на располагање и на Собранието како носител на распишувањето на изборите, на актот на распишување, но и на ДИК како орган којшто ќе ги спроведува изборите, за било какви консултации, помош или поддршка. Ние сме држава членка на НАТО, кандидат за членка на ЕУ, мета на хибридни закани и сајбер напади веќе подолго време, што значи дека јас би очекувал нападите и заканите да доаѓаат во тој формат од геополитичката поставеност на Македонија. Не очекувам да доаѓаат од домашни извори. Очекувам да нашите политчки чинители, сите чесно си ја одработат работата за изборите, кандидираат добри кандидати, имаат добра програма, водат чесна кампања и да имаме квалитетен изборен циклус. Во исто време, не исклучувам дека можеме да бидеме мета на закани, хибридни закани и сајбер напади, но за тоа ќе се справуваме, рече министерот.
Магнус Оман, директор на регионалната канцеларија на ИФЕС за Европа нагласи дека 90 проценти од средствата за платено политичко рекламирање се даваат на двете најголеми политички партии кои се на власт и двете најголеми политички партии кои се во опозиција и смета дека ова распределба на средствата е диспропорционална, особено со оглед на ситуацијата која што се случува во моментот во Европа каде што се гледа дека се повеќе средства се насочуваат токму кон помалите политички партии.
Оман потенцира дека постои нов тренд преку кои се рекламираат политичките партии и политичарите, а тоа е преку инфлуенсерите.
-Гледаме дека се повеќе се користат во оваа насока средствата за рекламирање на социјалните медиуми и сето тоа е во ред. Нормално е дека политичарите сакаат да ја пренесат својата порака до гласачите, меѓутоа она што го гледаме е тоа што ова практика не се покажува како особено ефективна бидејќи тие на тој начин допираат до оние гласачи кои секако би гласале за нив. Постои нов тренд во однос на рекламирањето а тоа е дека почнуваат да се рекламираат кај инфлуенсерите и на тој начин се обидуваат да допрат до оние луѓе до кои всушност и не би можеле да допрат поинаку. Токму затоа сметам дека ова е сива зона за која мора да се дискутира и да се одговори на неа. Доколку политичарите своето финансирање го насочуваат кон инфлуенсерите тоа мора да биде транспарентни и мора точно да се знае кој за кои цели ги дава парите, рече Оман.
Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис истакна дека политичкото изборно финансирање има моќ да искриви многу од идеалите неопходни за просперитет на демократијата, како што се еднаквото учество и донесувањето одлуки.
-Во текот на мониорингот беа забележани четири примарни проблеми на системот на финансирање на кампањата, и тоа: Формулата за исплата на државните средства не е пропорционална и им оди во прилог на поголемите и поетаблираните партии. Постои проблем со спроведливоста на правилата, особено недоволниот надзор врз специфичните елементи на изборната активност на интернет порталите. Системот не е транспарентен, односно тешко е да се пристапи до податоците кои подобро ќе овозможат надзор од страна на истражувачките новинари и заинтересираните граѓани. Непостои доволна родова и социјална инклузивност во финансирањето на политиката. Верувам дека ако се спроведат дадените препораки и ако се искористи развиената и тестирана Методологија за мониторинг од проектот, но и ако се употребат технолошки решенија во динамичната дигитална ера за да се обезбеди транспарентност, отчетност и точност во надзорот на интернет порталите; во голема мера Македонија ќе се усогласи со нормите и практиките на Европската Унија, рече Јашари потенцирајќи дека важно е државата во скоро време да се насочи кон итни реформи со цел да се подобри довербата на граѓаните во функционирањето на изборниот систем.