Skip to main content

Муцунски: Кај ЕУ има желба да се помогне во развивање дијалог насочен кон решение со Бугарија

За жал, во овој момент не постои висок степен на желба за дијалог од страна на соседна Бугарија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. 

Како што рече, искрено се надева дека тоа ќе се промени затоа што штета од закочениот процес немаме само ние, туку „исто така штетата ја трпи и Бугарија којашто губи време да има сосед којшто е поскоро земја членка на ЕУ“.

– Тоа е во нивни и економски, и политички, и национален интерес, и верувам дека ќе постои рацио и рационалност кај нашите соседи … Има желба кај Европската Унија и кај одредени земји членки да се помогне во развивање дијалог насочен кон решение. Но, ги уверувам нашите граѓани дека не треба да имаат никаква грижа по однос на позициите на Владата – тие се сосема јасни и нема да прифатиме никакви отстапки што се поврзани со нашите основни идентитетски обележја – нашиот јазик и нашата историја, изјави Муцунски во интервју за ТВ Сител.

На прашање дали ќе има предвремени парламентарни избори, министерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека целта на нивната партија е да завршат целосен парламентарен мандат.

-Тоа значи следните парламентарни избори да бидат во 2028 година. Но, секако, не може да се исклучи да настанат некои промени бидејќи политиката е жива материја и има процеси коишто не секогаш единствено зависат и од нас. Во овој момент, мислам дека сме поблиску до тоа да имаме редовни парламентарни избори, но ќе ги следиме процесите и ќе видиме во која насока тие ќе се движат во следниот период, рече Муцунски. 

Во врска со т.н. бомби на СДСМ со кои се обвинуваат функционери на ВМРО-ДПМНЕ за криминал, Муцунски рече дека „СДСМ подолг период покажува ширење наратив на лажни вести и дезинформации за да ја маниплираат јавноста“.

-Институциите се слободни да истражат сè што мислат дека треба да истражат, ВМРО-ДПМНЕ нема никаков проблем. Доколку се утврди дека некој нејзин член или именуван функционер е одговорен за криминал и корупција, тој или таа да биде предмет на одговорност. Најдобар доказ е случајот со директорот на ИПАРД-агенцијата. Но, мислам дека тоа што го гледаме особено во последните неколку дена, што се шири за одредени функционери на ВМРО-ДПМНЕ, е наратив на лажни вести. Најчудно е, можеби, што наративот за корупција доаѓа од политичката партија која седум години беше синоним за корупција, изјави  Муцунски.

На опозициската партија тој и порача „да се реформира и да си обезбеди ново кадровско освежување и јасно да ги препознае и да има капацитет да ги признае своите грешки од минатото, посебно во полето на надворешната политика“.

Поврзани вести