
Министерството за образование и наука (МОН) ги објави резултатите од конкурсот за избор на најдобар есеј, кој беше наменет за ученици по повод 80 години од усвојувањето на македонскиот јазик како службен јазик.
На конкурсот право на учество имаа сите ученици од четврто до деветто одделение од основните училишта и од прва до четврта година од средните училишта. Во зависност од возраста и наставниот јазик, беа дадени четири теми, а пристигнаа вкупно 323 апликации.
Во категоријата на ученици од четврто до шесто одделение, кои се натпреваруваа на тема „Мојот македонски јазик е како виножито, полн со бои и зборови“, првото место го освои ученикот Лука Стојановиќ од ОУ„Видое Подгорец“ с.Колешино, Ново Село.
Во категоријата на ученици од седмо до деветто одделение кои пишуваа на тема „Мојот македонски јазик- мој идентитет, културно наследство и аманет“, првото место го освои есејот на ученичката Ива Јосифовска од ОУ„Гоце Делчев“- Прилеп, додека на истата тема, помеѓу учениците од прва до четврта година средно образование, првонаграденa е ученичката Тијана Атанасова од СОУ„Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
Ученичката Рига Куртај од ОУ„ 25 Мај“- Гази Баба е победник во категоријата на ученици од четврто до шесто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик, а се натпреваруваа на тема „Македонскиот и мојот мајчин јазик се пријатели“.
Учениците од седмо до деветто одделение кои учат на наставен јазик различен од македонскиот јазик пишуваа на тема „Македонскиот јазик и мојот мајчин јазик се богатство кое не тежи, туку возвишува“, а најдобар е есејот на ученичката Ерина Бајрами од ОУ„ Наим Фрашери“ – Куманово. Додека на истата тема, меѓу учениците од прва до четврта година од средните училишта кои учат на наставен јазик различен од македонскиот, првонаграден е есејот на ученикот Аљдин Мурати од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“- Кисела Вода, напишан на брајово писмо.