Skip to main content

Мицкоски: „Талир 1“ и „Талир 2“ беа политички прогон, пресудата е во согласност со правдата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја поздрави вчерашната ослободителна пресуда во предметот „Талир 2“, оценувајќи дека станува збор за одлука која е во согласност со правдата и со очекувањата на граѓаните.

Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски рече дека случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ биле дел од, како што оцени, политичкиот прогон на ВМРО-ДПМНЕ од страна на претходната власт.

„Во тој период ВМРО-ДПМНЕ беше под политички прогон и еден вид агресија од страна на претходната влада. Беа измислени случаи што не постојат – ‘Талир 1’ и ‘Талир 2’. Вчера конечно судот, во делот што се однесува на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, донесе пресуда која е во согласност со правдата и со она што го очекуваат граѓаните“, изјави Мицкоски.

Осврнувајќи се на останатиот дел од пресудата, премиерот посочи дека, според него, таа е последица на измените на Кривичниот законик што во 2023 година ги донесе тогашното парламентарно мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ.

„Од она што можев да го прочитам, можам да заклучам дека станува збор за последица од законските измени на Кривичниот законик донесени од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Како резултат на тие измени имаше многу политички амнестии, а за жал ќе има и понатаму. Еднаш кога ќе направите грешка, таа потоа станува правило и ве следи“, рече Мицкоски.

Основниот кривичен суд Скопје вчера донесе ослободителна пресуда за обвинетиот Н.Г. во предметот познат во јавноста како „Талир“, оценувајќи дека обвинителството не успеало надвор од разумно сомнение да докаже дека е сторено кривичното дело по измените на Кривичниот законик.

Во образложението, Судот наведува дека измените на Кривичниот законик од 2023 година суштински ги промениле елементите на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Иако обвинителството го изменило обвинението согласно новите законски одредби, не понудило нови докази што би ги поткрепиле изменетите елементи на делото.

Судот оценил дека доказите останале идентични како и во претходната постапка и не биле доволни да се докажат новите законски елементи, особено во делот на пречекорувањето на службените овластувања, неизвршувањето на службената должност и постоењето намера како задолжителен елемент на кривичното дело.

Во соопштението се нагласува дека ослободителната пресуда е „исклучиво резултат на донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик во 2023 година“, при што се посочува дека токму овие измени довеле и до укинување на претходната првостепена пресуда, што било констатирано и од Апелациониот суд.

Судот наведува дека останал доследен во оценката на доказите и утврдената фактичка состојба, но дека поради изменетото законско битие на делото, со истите докази не можело да се докаже изменетото обвинение.

Предметот „Талир“ со години беше еден од најекспонираните судски процеси поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Иако во оваа постапка политичката партија не беше обвинета, обвинителството бараше конфискација на нејзиниот имот.

Поврзани вести