Skip to main content

Мицкоски на Голема Богородица го посети манастирот во Берово

– Во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ кај Берово со Света божествена литургија и народен собир денеска беше одбележан празникот Успение на Пресвета Богородица. 

Илјадници верници целата држава дојдоа да запалат свеќа, да се помолат за своето и здравјето на своите најблиски, како и да се поклонат пред манастирската светост. Манастирот го посети и премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. 

-Денеска сме во посета на Берово, традиционално како и секоја година така и оваа година заедно со православните верници да го честитаме големиот празник Голема Богородица, да посакаме на сите граѓани во Македонија здравје, среќа, бериќет и успех во работата, сето она коешто ќе го посакаат, сето тоа да им се оствари, рече Мицкоски.

Премиерот истакна дека овој ден е многу значаен за сите нас поради две работи, прво, затоа што е голем православен празник, но исто така и ден на рударите, луѓето што ја градат македонската економија. 

-Ја користам оваа прилика и нив да им го честитаам овај голем ден. Сосема на крај ви посакувам среќа вас и на вашите семејства, истакна од манастирот Успение на Пресвета Богородица премиерот Мицкоски.  

Мицкоски, кој беше придружуван од Муцунски, Мицевски и други функционери и членови на партијата, во манастирот разговараше со верниците и граѓаните кои беа дојдени да запалат свеќа и да се помолат.

Голем интерес на собирот привлече и продажбата на манастирски производи – локум, слатко и ликер, кои монасите и жителите од регионот ги подготвуваат веќе со децении. 

-Не знам точно од кога, со секако е по несреќата почнавме да произведуваме овде манастирски локум кој отецот го прошири во Скопје и денес тој е познат насекаде низ Македонија. Тоа е дел од духовноста што сакаме да ја споделиме со секој кој ќе дојде, изјави жена која продаваше од овие производи. 

Во близина на манастирот беа подготвени и 73 бакарни котли со храна, доволни да нахранат околу 10.000 посетители. 

-Се готвеше цела ноќ за сите гости, секоја година е исто – важно е никој да не замине гладен, рече еден од готвачите.

Манастирот е познат и по трагичниот настан во 1996 година, кога гром удри во неговата околина и животот го загубија неколку лица. Постарите жители велат дека сеќавањето на таа несреќа сѐ уште е болно, но потсетуваат дека, како што рече една жител на Берово, „треба да се гледа напред и да се зачува – верата, јазикот и традицијата“. вс/ев/

Поврзани вести