Skip to main content

Мицкоски: Без разлика на етничката, верската и политичката припадност, на 2 ноември да се обединиме во Кичево за вредностите кои ги застапува Александар

По вториот круг очекувам 59 градоначалници да има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со што ќе ја заокружиме највисоката бројка во историјата на демократската Македонија, по бројот на градоначалници, којашто некогаш се случила. И ако на тоа се додаде и извесната победа на Орце Ѓорѓиевски за град Скопје, којшто води 3:1 после првиот круг во однос на неговиот противкандидат, тогаш заокружуваме бројка од 60 градоначалници коишто ќе дојдат од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и главниот град, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот мини митинг во Кичево во рамките на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори на 2 ноември во недела.

Мицкоски се осврна и на победата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за листите на советници во 58 општини, каде што оствари убедлива победа и освоија мнозинство во советите.

Тој додаде дека не беше лесно, туку дека беше тешко но единството и поддршката на граѓаните покажа дека може да се совлада и помногуброен противник, зошто кога сме сплотени и обединети како едно, сме посилни и можеме да совладаме многу побројни и поголеми противници.

Затоа е многу важно на 2 ноември во недела да се обединиме овде во Кичево, без разлика на нашите различности, без разлика дали тие различности се етнички, верски или политички. Многу е важно да бидеме како едно, да се обединиме околу вредностите коишто ги споделуваме, да се обединиме околу цивилизацијата којашто ја застапуваме. Затоа што јас сум убеден дека против кандидатот на Александар не ги споделува нашите вредности, не ја споделува нашата цивилизација. И секој оној којшто ќе го земе пенкалото во рака и ќе застане позади гласачката кутија, со гласачкиот лист пред него, нека го слуша својот разум и своето срце и нека гледа длабоко во својата душа, од таму ќе извира бројот 9. И нека го заокружи бројот 9, нека заокружи за Александар“, повика Мицкоски во недела масовно да се гласа за кандидатот ан ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Кичево, Александар Јовановски.

Понатаму додаде, секој оној кој ќе биде исправен пред предизвикот дали да го поддржи Александар или неговиот против кандидат, нека се присети на вредностите кои ги застапува Александар и вредностите кои ги застапува неговиот против кандидат.

Дали вие сакате да живеете во средина во којашто ќе владеат криминалот, блуд, разврат и уцени? Дали сакате Кичево да биде домаќин на блуд, разврат, криминал и уцени? Заборавете на етничката припадност, сетете се на вашите ќерки, на вашите внуки, дека некоја од нив може да биде жртва на овој човек. Затоа, кога ќе го имате пенкалото во рака, верувајте во вредности, не во басни, не во приказни. Заборавете на нешто што некој ви кажува дека се случило пред 4, 5, 6 децении, верувајте на оние коишто ви кажуваат што ќе се случува за четири, пет децении од денес. Заборавете на оние романтични приказни што некој ви ги кажува за некое измислено минато коешто никогаш не се случило. Верувајте на иднината којашто сите ние заедно Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати ќе ја градиме. Тоа е иднината на Македонија“, упати Мицкоски обединувачка порака и повик до сите етнички заедници.

Поврзани вести