Skip to main content

Меѓу новите министри има експерти и политички кадри од коалициските партнери

Синоќа Собранието со 69 гласа „за“ ги потврди новите министри, со што се заокружи процесот на кадровско освежување на извршната власт. Новиот состав вклучува експерти и политички кадри од коалициските партнери:

  • Јетон Шасивари (ВРЕДИ) – министер за правда
  • Борче Серафимовски (ЗНАМ) – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
  • Агон Ферати (ВРЕДИ) – министер за односи меѓу заедниците
  • Сашо Клековски (ВМРО-ДПМНЕ) – министер за здравство
  • Седат Сулејмани (ВРЕДИ) – министер за култура и туризам
  • Ѓоко Велковски (ВМРО-ДПМНЕ) – министер за социјална политика, демографија и млади
  • Иван Стоилковиќ (ДПСМ) – министер за локална самоуправа
  • Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ) – министер без ресор

– Собранието го избра Борче Серафимовски за нов министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, како кадар на Движењето ЗНАМ, во рамки на реконструкцијата на Владата.

Серафимовски досега ја извршуваше функцијата државен секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Серафимовски е дипломиран дефендолог на Институтот за одбранбени и мировни студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје и бизнис менаџер на Варненски Слободен Универзитет „Црноризец Храбар” Варна, Бугарија. Магистер е по меѓународни односи на Југозападен Универзитет „Неофит Рилски” Благоевград, Бугарија, а докторант по организациски науки на Великотрновски Универзитет „Св.Св.Кирил и Методиј” Велико Трново, Бугарија.

 Собранието го избра Сашо Клековски за нов министер за здравство, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на реконструкцијата на Владата.

Клековски: Рехабилитацијата трае и не можам да кажам колку ќе чини, ова не е трка кој вложил повеќе / фото: Република

Клековски досега ја извршуваше функцијата директор на Фондот за здравствено осигурување. Дипломирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а има завршено и МБА академска програма на УАЦС. 

Во неговата биографија посочува дека ја вршел функцијата прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу Европската Унија и Република Македонија од 2007 година до 2010 година. Наведува дека од 2013 до 2016 година бил предавач на Факултетот за деловна економија и менаџмент на УАЦС на МБА студии по предметот Претприемнички финансии.

 Досегашниот заменик-министер за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски е избран на раководната позиција во Министерството за социјална политика, демографија и млади, на 112. собраниската седница, посветена на реконструкцијата на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

Велковски, кој е од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа на местото на досегашниот министер Фатмир Лимани, кој претходно беше разрешен од позицијата. Тој во периодот од јули 2024 до јули оваа година беше заменик-министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

 Собранието го избра Јетон Шасивари за нов министер за правда, како кандидат на коалицијата ВРЕДИ, во рамки на реконструкцијата на Владата. 

Шасивари е доктор по уставно и управно право на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово. Според неговата официјална биографија, од 2002 година е редовен професор по уставно и управно право на истиот факултет.

Во својата биографија посочува дека од јануари 2024 година е заменик-член на Република Македонија во Европската комисија за демократија преку право (Венецијанска комисија) при Советот на Европа од јануари 2024 дина. Посочува дека во март 2020 година бил дел од групата уставни експерти од претседателот на Републиката за стручно мислење и консултација во врска со прогласувањето вонредна состојба поради пандемијата КОВИД-19.

Седат Сулејмани е избран за нов министер за култура и туризам на 112. собраниска седница, посветена на реконструкцијата на Владата.

Сулејмани, кој доаѓа од редовите на коалицијата ВРЕДИ е избран на местото на досегашниот министер Зоран Љутков, кој претходно беше разрешен од функцијата.

Во периодот од 2024 до 2026 година ја извршуваше функцијата заменик-министер за култура и туризам, а истата функција ја извршуваше и во периодот од 2020 до 2021 година.

Поврзани вести