
Екс министерот за правда Кренер Лога се повлекува од политиката. Информацијата ја соопшти на социјалната мрежа ФБ.
„Почитувани сопартијци, почитувани граѓани,
По подолг период на анализа и рефлексија, одлучив да се повлечам од партискиот живот и од сите функции што досега сум ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Ова не е лесна одлука за мене, затоа што во текот на целиот овој пат ја вложив својата енергија, срце и душа, па дури и повеќе од тоа. Имав чест да запознаам верни и неуморни соработници, како и такви што не го издржаа долгиот и предизвикувачки пат.
Во изминатите десет години имав можност да запознаам посветени луѓе, искрени пријатели и оддадени соработници. Заедно поминавме низ битки што оставија трага во нас, исто како што и ние оставивме трага во тие битки.
Ова мое политичко патување секогаш беше искрено и вистинско. Во текот на дебатите, критиките и судирите, можно е понекогаш да сум претерал. Доколку некој се почувствувал повреден од мојот збор или однесување, искрено му се извинувам. Секогаш сум ги кажувал своите ставови, убедувања и вистини без да ја пресметувам цената што тие можат да ја носат. Дури и кога тие не биле популарни, сум одбрал да не ги сокријам, затоа што вистината и иднината бараат храброст.
Во овој период имав чест да ја извршувам функцијата генерален секретар, а подоцна и потпретседател на партијата. Ова беше можно единствено благодарение на поддршката од членовите и активистите на Алијансата за Албанците, на кои им упатувам искрена благодарност. Не ги заборавам ниту гласачите на Европскиот фронт и на Националната Алијанса за Интеграција, кои ја покажаа довербата во нашето дејствување.
Јас сум израснат во семејна, политичка и патриотска средина; роден во семејство кое избрало опстанок понекогаш преку земјоделство, а понекогаш преку печалба, единствено за да може полесно да се спротивстави и да се соочи со југословенскиот режим. Израснав меѓу двајца браќа кои останале без имиња до прво одделение, бидејќи режимот не дозволувал „иредентистички“ албански имиња; израснав опкружен со фамилијарни политички затвореници, диференцирани и прогонувани, воспитан со духот на националната преродба и патриотизмот – дух кој секогаш ќе ме поддржува, без оглед на улогата што животот ќе ми ја понуди.
Имам многу што да раскажам… Се надевам дека еден ден ќе најдам храброст сето тоа да го ставам на хартија.
Македонија заслужува да се издигне како слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани. Многу предизвици се надминати, а многу други сè уште треба да се соочат со внимание, храброст и мудрост. Ни останува заедничка обврска, како Албанци, Македонци, Турци, Власи, Бошњаци и други, да ја изградиме оваа земја како дом сакан и почитуван од сите.
Ќе продолжам да бидам меѓу вас, но отсега во еден послободен и независен пат – како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето“, стои во објавата на Кренер Лога на ФБ.

Македонски








