Skip to main content

Кој ќе го купи? „Аудито“ на Мерко се продава за 10.000 евра

Советот на Општина Струга донесе одлука да го продаде службеното „ауди А6“ набавено во мандатот на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко. Возилото, купено за 67.000 евра, ќе се продава на јавно наддавање со почетна цена од 10.000 евра.

– И ние како советничка група и неколку останати советници гласавме за продажба на тоа возило од проста причина што многу добро знаеме во какви околности беше купено тоа возило и во какво време, кога не беа запазени приоритетите на граѓаните. Струга имаше многу посериозни проблеми кои требаше да се решат, а не да се купува едно такво луксузно возило – изјави за Алфа, Коста Хиохи, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Според важечките прописи, на возилото му е пресметувана годишна амортизација од 15 отсто. Неговата моментална проценета вредност изнесува 618.602 денари, односно 10.000 евра.

– Почетната цена на продажбата ќе биде еднаква на проценетата вредност, утврдена од овластен проценител. Крајната продажна цена ќе се утврди преку самата постапка на јавно електронско наддавање – соопштија од Општина Струга.

Возилото, кое шест години се користело како службено, било поправано двапати, во март 2024 и во јануари 2025 година, за што биле потрошени 4.000 евра.

Поврзани вести