
Ќе има ли мерки против поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи за продажба на македонскиот идентитет и за предавство на националните интереси, беше прашан денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Ако некој превзема мерки, тоа е Обвинителството. Јас нема тука што да додадам. Тоа е независен орган. Би требало тоа прашање да им го поставите ним, дали се прекршени закони, овластувања, Уставот итн. – рече премиерот Мицкоски.
Мицкоски често укажува на проблемот што го создаде поранешниот министер Османи од ДУИ и владата на СДСМ на чело со Димитар Ковачевки со прифаќањето на штетниот француски предлог, по што македонските интеграции останаа блокирани. Според предлогот, Македонија ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ откако ќе ги вметне Бугарите во Уставот, нешто со што ВМРО-ДПМНЕ не се согласуваше ниту додека беше во опозиција, ниту сега кога е на власт, затоа што тој предлог не нуди никакви гаранции дека Бугарија повеќе нема да користи вето.
На новинарско прашање дали со партнерите од Обединетото Кралство разговаал за блокираните евроинтеграции на Македонија, Мицкоски рече дека никој ниту во Обединетото Кралство ниту во ЕУ не гледа на тоа пријатно и не го смета за разумно.
– За жал, имаме неразумна пречка која пледира да биде пречка што ќе се повторива во процесот преговорите со ЕУ. Сакаме да преговараме со јасен и предвидлив крај. Ако испорачаме мерливи резултати треба да добиеме полноправно членство, а не да се занимаваме со билатерални прашања. Никој во ЕУ не гледа пријатно на овие пречки – рече Мицкоски.