
„Слободно можам да кажам дека ќе ги изгориме! Ќе останат и без мотори и без можноста да глумат дека се моторџии“, рече на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, зборувајќи за возачите на мотори и мотоцикли, кои дивеат низ градовите и не ги почитуваат сообраќајните правила.
Toшковски најави засилени контроли и строги мерки против, како што ги нарече, „оние кои глумат моторџии“, бидејќи според министерот вистинските моторџии во град не ги прекршуваат сообраќајните правила, туку се посветени на почитување на сообраќајни правила особено во град, бидејќи ги знаат последиците кога не ги почитуваат. Според него, проблем се оние кои возат без кацига, со голема брзина и прават опасни маневри, како возење на едно тркало.
За тие кои глумат дека се моторџии, односно возат мотор без кацига, со далеку поголема брзина, возат на црвена, го дигаат на едно тркало, и мислат дека „Сејф сити“ не ги детектира, МВР ќе биде фокусирано на нив, особено во градските средини. Слободно можам да кажам дека ќе ги изгориме! Ќе останат и без мотори и без можноста да глумат дека се моторџии. Тие ќе бидат таргет, тие што употребуваат мотори надвор од закон. Затоа што тие се најголем ризик да отепаат некого“, рече Тошковски.

Македонски

