Skip to main content

Љутков: Поставуваме цврсти темели Македонија да стане препознатлива, квалитетна и конкурентна туристичка дестинација во регионот и пошироко

Ми претставува особена чест и задоволство што денеска пред вас, луѓето што го градат туризмот со своите раце, знаење и искуство, ја отворам првата јавна расправа за Стратегијата за развој на туризмот 2027 – 2032 со Акциски план 2027 – 2029 година, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков на јавната расправа за Нацрт-текстот на Националната стратегија за развој на туризмот за периодот 2027–2032 година.

Вие сте главните засегнати страни во овој важен процес: хотелиери, туристички агенции, туристички водичи, сопственици на мали семејни објекти, претставници на руралните и планинските региони, експерти, професори и сите оние што секојдневно се соочуваат со предизвиците и можностите на туристичкиот сектор. Вашето присуство овде не е само формалност, тоа е јасна порака дека стратегијата што ја подготвуваме мора да биде реална, применлива, инклузивна и, пред сè, заедничка.

Развојот на туризмот не е само економска категорија. Тој е двигател на вкупниот развој на државата, создава нови работни места, поттикнува инвестиции, ја зајакнува локалната економија и го промовира меѓународниот имиџ на Македонија. Во време на брзи глобални промени, дигитализација, нови очекувања на туристите и засилена конкуренција, ние не смееме да останеме пасивни набљудувачи. Потребен ни е храбар, стратешки и долгорочен пристап.

Македонија е земја со огромен, но сè уште недоволно искористен потенцијал. Нашите прекрасни планини и национални паркови, кристалните езера, богатото културно и археолошко наследство, традиционалната кујна, винските региони и автентичната гостопримливост на нашиот народ се вистинско богатство кое може и мора да стане силна конкурентска предност на меѓународниот туристички пазар.

Затоа, само десет месеци по преземањето на ресорот туризам во Министерството за култура и туризам, го започнуваме процесот на изработка на Стратегија за туризам. Со ова поставуваме цврсти темели на еден современ, одржлив и амбициозен пристап кој треба да ја трансформира нашата земја во препознатлива, квалитетна и конкурентна туристичка дестинација во регионот и пошироко.

Очекувам оваа стратегија да даде јасни одговори и конкретни решенија за:

Рамномерен регионален развој на туризмот низ цела земја;

Ефективен дестинациски менаџмент на локално и на национално ниво;

Одржлив туризам кој ги штити природните и културните ресурси;

Дигитализација на услугите и промоција на македонскиот туризам;

Развој на нови, високовредносни производи во културниот, езерскиот, планинскиот, руралниот, винскиот и искуствениот туризам;

Подобрување на квалитетот на услугите и човечките ресурси во секторот.

Стратегијата 2027 – 2032 се изработува според најсовремени европски практики и методологии, со широко учество на домашни и меѓународни експерти, академската заедница и реалниот сектор. Не сакаме документ кој ќе стои на полица. Сакаме оперативна и функционална стратегија која ќе биде вистинско средство за развој и ќе донесе видливи резултати.

Благодарност упатувам до Советот за промоција и поддршка на туризмот и до националниот координатор, г. Акан Махмут, за нивниот професионален ангажман и посветеност во подготовката на овој значаен процес.

Успехот на оваа стратегија зависи од сите нас. Од вашето искрено учество, од вашите критички забелешки, од вашите реални и применливи предлози. Ве повикувам активно да се вклучите во денешната и во наредните расправи. Вашиот глас, вашето искуство и вашата експертиза се клучни за да ја направиме оваа стратегија најдобра.

Заедно да ја градиме иднината во која Македонија ќе биде позната не само по својата убавина, туку и по квалитетот на туристичкото искуство што го нуди.

Поврзани вести