
Утре на 5 јуни во Прилеп со претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар Скопје свечено се отвора 60. МТФ „Војдан Чернодрински“. Претставата ќе биде изведена во Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп во 20 часот.
Јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ годинава под мотото „Храбриот нов театар“, ќе отвори дијалог за кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот, повикувајќи на театар што има став, што провоцира, преиспитува и не молчи. „Фестивалот е мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја создаваме – меѓу минатото, сегашноста и новите театарски визии“ – велат организаторите предводени од уметничката директорка на фестивалот проф. д-р Ана Стојаноска.
Со праизведба на „Мачкина глава“ на 21 април годинава Драмски ја одбележa 80-годишнината на театарот. Претставата е работена по текст на Венко Андоновски. Режисер на претставата е Дејан Пројковски.
За текстот на „Мачкина глава“ Андоновски ја добил наградата на ЕУРОДРАМ ̶ за најдобри драми во Европа во 2022 година. Авторот за текстот ја сподели мислата дека: „Се прашував дали е возможно денес да се напише ‘Диво месо’ од Горан Стефановски. Ги задржав контурите на ‘Диво месо’ и во ‘Мачкина глава’ се обидов да го искажам крикот на денешниот свет. Свет на војни и цивилизациски неразумности на релација Исток-Запад во кој ние како општество, цивилизација и култура сме на граничникот.“
Режисерот Пројковски за претставата кажа дека е работена како постмодерна базирана на два пола, традицијата и катарзата во која се преклопуваат личната среќа и љубовта, страсти, желби и соништа на „малиот човек“.
Во уметничкиот дел од тимот на претставата „Мачкина глава“, режисерот соработуваше со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, асистентка на костимографката е Марија Ѓоргиевска, а музиката во претставата ја компонираше Горан Трајкоски. Скулптор е Ангел Петровски, а фотограф Драган Гајиќ. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.
Ликовите во претставата „Мачкина глава“ и актерска екипа се: Спиридон – Рубенс Муратовски, Марија – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан – Филип Трајковиќ, Симон – Александар Степанулески, Сара – Сара Климоска, Џорџ – Игор Ангелов, Мериен – Сања Арсовска, Штерјо – Златко Митрески и Панзо – Предраг Павловски.
Во официјална селекција на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ се избрани претставите (подредени се по азбучен ред од насловот на претставата):
„Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје;
„Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола;
„Ивона принцезата на Бургунд“, од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска и Александар Ивановски, продукција на Театар „Комедија“ – Скопје;
„Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово;
„Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар – Скопје;
„Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје;
„Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип;
„Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ-Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје;
„Црнила“ според Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп;
„Челинџ“, автор и режисер: Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје.
Фестивалски Прилеп ги поканува љубителите на театарот да го прославиме заедно јубилејот на најстариот македонски театарски фестивал и да зачекориме во еден храбар нов театар – театар без молк, театар што го менува светот.

Македонски


