Skip to main content

Каде му исчезнаа 40.000 денари на полковник Јуришиќ?

фејсбук профил на Маријо Јуришиќ

Разлика од 40.000 денари во месечни примања е износ кој е далеку за потценување. Износ кој некои вработени во земјава месечно се уште не го постигнуваат. Но, кога ваквата разлика во месечните примања ќе се изземе во јавно кажан збор, отвора простор за сомнеж.

Претседателот на Независниот синдикат на одбраната, Маријо Јуришиќ на прес-конференција минатата недела побара зголемување на бодот за пресметка на основната плата за 20 отсто, ревизија на бодовниот систем на квартално ниво и решавање на статусот на професионалните војници до остварување право на пензија, пишува порталот „Курир“.

Тој истакна дека платите на вработените во Армија се ниски, споредбено со инфлацијата и трошоците за живот.

Прашан за неговите последни вкупни месечни примања, со додатоците кои ги имаат вработените во Министерството за одбрана и Армија, полковникот Јуришиќ одговори дека неговата декемвриска плата со вклучени сите додатоци изнесувала 63.426 денари. Но, дали?

Од Министерството за одбрана „Курир“ побарал одговор колкави се платите на професионалните војници, а колкави на вработените со работна позиција – чин полковник.

Табеларниот приказ на одговорот од Министерството, јасно потврдува. И во случај на минимална основна плата за полковник само со вклучени храна и превоз, износот е поголем за близу 5.000 од оној кој јавно го искажа Јуришиќ. Просечната основна плата за полковник, пак, е 70.626 денари.

Дополнително, овој износ се зголемува кога ќе се вклучат и сите додатоци кои се исплаќаат на вработените во Министерството за одбрана по други основи.

Сомнежите за искреноста на Јуришиќ во барањата за платите на војниците се зголемува и по информациите кои ги добивме од свиркачи. Според изворите, декемвриската плата на првиот човек на НСО, била со износ кој надминува 100.000 денари.

Оттука останува нејасно каде му исчезнаа околу 40.000 денари на Јуришиќ и зошто првиот човек на НСО пред јавноста излажа прашува „Курир“?

По однос на барањата на прес-конференцијата, од Министерството официјално излегоа со свој став. Децидни се дека заедно со Генералштабот во континуитет работат на подобрување на стандардот како и условите за работа на сите припадници на македонската Армија и на вработените во Министерството за одбрана.

Потенцираа и дека за првпат навремено се исплаќаат сите надоместоци согласно Колективниот договор, а кои вклучуваат надоместоци за закупнина, храна, превоз во висина од над 23.000 денари, како и додатоци за прекувремени часови, ноќна работа, дневници за дежурство согласно ангажманот, што е дополнителен додаток покрај основната сума за секое работно место односно звање и чин.

Поврзани вести