Skip to main content

Јавниот повик за прием на 400 пожарникари завршува во четврток, најдобрите ќе бидат дел од новата специјална единица на ДЗС

МИА

Јавниот повик за прием на 400 пожарникари по владината мерка за поддршка во борбата против пожарите завршува во четврток, информираше денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Тој ги повика сите заинтересирани кандидати да се пријават најдоцна до четврток во локалните Центри за вработување, каде што треба да ги пополнат потребните документи.

Ги повикувам сите заинтересирани најдоцна до четврток да поднесат апликација до локалниот центар за вработување во кој било град од државата. Таму ќе ги пополнат потребните документи, но важно е да носат медицинска потврда од надлежен доктор со која се потврдува дека не боледуваат од тешки болести кои што би им пречеле во извршувањето на оваа исклучително одговорна задача – рече Ангелов и појасни дека кандидатите нема потреба да носат други документи.

Најдобрите од нив, особено, како што рече, оние кои што гравитираат во Скопје и околината, ќе имаат можност да конкурираат и да бидат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која што е во фаза на формирање.

Ќе ги избереме најдобрите од оние лица кои што ќе покажат интерес и ќе бидат примени како професионални пожарникари во локалните територијални противпожарни единици. Најдобрите од нив, особено оние кои што гравитираат во Скопје и околината ќе имаат можност да конкурираат, а потоа и да бидат примени во новата специјална единица за заштита и спасување која што е во фаза на формирање – посочи Ангелов.

Прашан колку кандидати се досега пријавени, директорот на ДЗС рече дека нема детални податоци во овој момент, но посочи дека за Скопје се бараат 80 пожарникари, а локалниот Центар за вработување појасни дека е во Општина Кисела Вода. Со оваа мерка, додаде, биле опфатени 14 општини, од кои, рече, според информациите кои ги има само една општина не аплицирала. Во врска со тоа колкав број лица ќе бидат ангажирани во општините, Ангелов рече дека тоа зависи од општина до општина.

– Овие информации ги имате во евиденцијата за вработување, но како и да е, постои голем интерес кај граѓаните за оваа владина мерка, со тоа што се појавија одредени нејаснотии каде граѓаните да аплицираат. Токму затоа ги повикувам сите заинтересирани граѓани за оваа владина мерка, да се пријават во локалниот Центар за вработување, во оние градови во коишто тоа го има или во некое од соседните места, ако во нивното место нема центар за вработување, појасни Ангелов.

Поврзани вести