Уште од кога почна да се врши притисок врз мене не потклекнав. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски ги користи сите законски и незаконски можности за да се донесе одлука по негов терк за бонусите на СЈО – вели во изјава за Република доскорашниот шеф на Вишото скопско обвинителство Мустафа Хајрулахи против кој ќе биде поведена дисциплинска постапка поради, наводно, утврдено нестручно и несовесно работење, што го покажала ревизијата кое републичкото јавно обвинителство ја изврши врз Вишото обвинителство.
Вчера државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е поднесен предлог за дисциплинска постапка против Хајрулахи и јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство, Јове Цветановски.
„Јавниот обвинител на Република Македонија ги разгледа записникот и конечниот извештај од извршениот надзор во Вишото јавно обвинителство Скопје, како и службените белешки во прилог, и врз основа на наодите за констатираните состојби одлучи до Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители да достави предлог за поведување дисциплинска постапка против јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје заради нестручно и несовесно работење во 4 предмети во кои се откажал од жалба или обвинение. Предлог за поведување дисциплинска постапка е поднесен и против Вишиот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје пред кого била реферирана и со чија согласност била донесена одлука во три од наведените предмети, како и поради констатираните неправилности во начинот на заведување на предметите во Вишото јавно обвинителство Скопје“, соопшти вчера Коцевски.
За Хајрулахи е нелогично е да се таргетираат конкретни предмети. Спротивно на ставот дека Цветановски реферирал за донесена одлука пред него во три од наведените предмети, Хајрулахи тврди дека постапувал според упатствата на Јавното обвинителство, пред носење одлука за откажување од жалба или обвинение, обвинителот треба да реферира пред вишиот јавен обвинител за да има сознание за таквите одлуки.
Постапено е според Упатствата и за истите одлуки известен е и Републичкиот јавен обвинител. Постапено е онака како што е предвидено со Упатствата од јавното обвинителство. Видно вознемирен од предметот за Бонусите на СЈО, ообено откако неговата ќерка е фатена како изнесува документи од Јавното обвинителство, постапува со суспензии и дисциплински постапки. Сега на неговата иницијатива за поведување дисциплинска постапка ќе заседава комисијата во чиј состав влегува обвинителката Лиле Стефанова, таа е дел од надзорот, а истовремено е и дел од инволвираните во предметот Бонуси на СЈО. Во комисијата е и Стевчо Донев, обвинител во Вишото јавно обвинителство Штип, кој исто така е дел од предметот Бонусите на СЈО. Апсурдно е ова што се случува – коментира Хајрулахи за Република.