
Во Скопје утрово започна „Генералка викенд“, најголемата национална, волонтерска еколошка акција, во рамки на која илјадници граѓани чистат јавни простори во сите општини низ државата. Акцијата, која се одржува шеста година по ред, има цел да ја подигне јавната свест за заштита на животната средина и одговорно управување со отпадот, со активно вклучување на граѓани, институции, училишта и компании.
Настанот во Скопје го отвори претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, која во своето обраќање порача дека „Генералка викенд“ треба да прерасне од симболична акција во секојдневна животна навика.
– Сметам дека е многу добро секој ден да го започнуваме вака, имитирајќи ги Јапонците. Претпоставувам дека знаете – тие најпрво чистат таму каде што живеат, околу своите згради, а потоа одат на работа. Ова мора да стане филозофија на живеење – изјави Сиљановска – Давкова.
Таа предупреди дека човештвото води „војна со планетата,“ што води кон самоуништување, потенцирајќи дека природата и живиот свет се „постари“ од човекот и затоа заслужуваат посебна заштита.

– Французите имаат еден филозоф, по име Мишел Сер, кој го напиша делото „Природен договор“ на Харвард, а не во Франција. Во него тој вели дека мора да склучиме пријателски договор со планетата Земја и да ја третираме како рамноправен партнер. Целосно се согласувам со него. За жал, човештвото влезе во војна со планетата – во војна со билките и со животните. А дури и во Библијата тие се појавуваат први, а ние, правниците, велиме: кој е постар, има посилно право. Тоа го заборавивме и однапред не само што ја губиме битката со планетата, туку трчаме и кон самоуништување – рече претседателката.
Во продолжение, таа го истакна и значењето на едукацијата и движењето во природа, преку иницијативи насочени кон најмладите генерации, како и потребата Скопје да се развива во позелен град.
– Овде зад мене е градоначалникот на Скопје и јас посакувам да го следи примерот на градоначалничката на Париз, Ана Идалго, која некои париски улици ги трансформираше во зелени површини. Зеленото е убаво, прекрасно. Скопје треба да се озелени, но претходно треба да се исчисти – посочи таа.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека „Генералка викенд“ прераснала во национална навика и изрази благодарност до организаторите за, како што рече, благородната работа што ја поттикнала еколошката свест низ целата држава.

– Според информациите со кои располагам, денеска во сите 80 општини, плус Градот Скопје, над 80.000 волонтери чистат. Тоа е особено важно бидејќи во акцијата се вклучени и основните и средните училишта, што значи дека се создава навика и пракса за грижа за животната средина, градовите и населените места, како и нивно постојано одржување – изјави Ѓорѓиевски.
Дополнително, информираше дека со поддршка на Владата и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во финална фаза на набавка се 40 нови камиони за „Комунална хигиена“, како и обновување на механизацијата во „Паркови и зеленило“.
– Но, колку и да се трудиме, ако граѓаните не ја третираат животната средина соодветно, ако отпадот не се одлага таму каде што треба, нема да го постигнеме заедничкиот ефект. Скопје е наш заеднички дом и треба да се грижиме за него исто како за сопствените домови. Потребно е дополнително да ја јакнеме свеста кај сите нас – имаме прекрасна држава и прекрасен град, кои треба да ги негуваме, да ги чуваме и да ги озеленуваме уште повеќе – нагласи тој.
Воедно, најави дека Градот Скопје, заедно со јавните претпријатија, особено „Комунална хигиена“, ќе започне нова акција во која ќе бидат вклучени и јавни личности, со цел подигање на јавната свест за правилен однос кон животната средина.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамеt Хоџа, порача дека „Генералка викенд“ е доказ оти промените се можни кога заедно дејствуваат граѓаните, институциите и приватниот сектор.
– „Генералка викенд“ веќе неколку години покажува дека кога се обединети граѓаните, институциите и приватниот сектор, промената е видлива и конкретна. Министерството за животна средина и просторно планирање континуирано ги поддржува ваквите иницијативи, затоа што така заедно ја градиме свеста дека грижата за животната средина треба да биде секојдневна навика – рече тој.
Дополни дека како Mинистерство се целосно посветени на воспоставување регионален систем за современо управување со отпад.
Австрискиот амбасадор Мартин Памер оцени дека „Генералка“ е „импресивен македонски бренд“, нагласувајќи оти со задоволство учествува во акцијата секоја година.
– Нека оваа акција на граѓанското општество придонесе за поголемо и поефикасно годишно отстранување на отпадот и дивите депонии. Нека свеста за заедничките предизвици, кои можеме да ги надминеме само заедно – преку колективно дејствување, отчетност и одговорност – дополнително се зајакне – изјави Памер, изразувајќи гордост што иницијативата ја организира австриско-македонската двојка Ханес Јекел и Гордана Софија.
„Генералка викенд“ се одржува од 2021 година и е замислена како десетгодишна национална иницијатива. Досега, во рамки на акцијата учествувале над 100.000 волонтери од сите 81 општина, собрани се повеќе од 1,5 милиони килограми отпад, а секоја година се реализираат акции на над 500 локации низ Македонија.

Македонски




