Skip to main content

Филков до Сали: Правосудниот испит може да се полага само на македонски јазик, се друго е притисок

Времето кога Уставот и законите се толкуваа според дневнополитички потреби, а не според нивната содржина, заврши со заминувањето на СДСМ–ДУИ од власт. Оваа Влада нема намера да ја продолжи праксата на правен релативизам, институционален хаос и селективна примена на нормите. Напротив, обврзани сме да воспоставиме јасни правила, правна сигурност и целосно почитување на уставниот поредок, вели министерот за правда Игор Филков.

Токму затоа, во врска со изјавите на вицепремиерот Беким Сали за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, чувствувам обврска јавно, јасно и недвосмислено да реагирам, во интерес на Уставот, правниот поредок и институционалната сериозност на државата.Првенствено, Уставот мора да се почитува и не смее да биде предмет на слободни и дневнополитички интерпретации. 

Токму тоа го потенцирав и на последната средба за Реформската агенда. 

Но, почитувањето на Уставот подразбира цело, системско и доследно читање на уставните и законските одредби, а не нивно селективно вадење од контекст за краткорочни политички пораки.

Го разбирам вицепремиерот Беким Сали како стоматолог, и како политичар кој допрва ја запознава материјата на европските интеграции и правосудните реформи.

Но, потенцирам, државата не функционира по принцип на лична проценка, професионален рефлекс или политички впечаток. 

Одлуките не се носат по чувство, туку по Устав и закон.

Во правниот систем не постои категорија „има или нема волја“. 

Постојат уставни норми, законски решенија и институционални процедури. 

Се друго е опасна поедноставеност што ја поткопува правната држава и ја враќа праксата на произволност, од која за жал, Македонија скапо плати во минатото.

Имено, Министерството за правда ја разгледа петицијата поднесена од студентите во врска со полагањето на правосудниот испит на албански јазик, при што внимателно се анализирани сите релевантни уставни и законски одредби. 

Законот за употреба на јазиците овозможува употреба на албанскиот јазик како службен јазик во постапките пред институциите, но неговата примена не може да се разгледува изолирано од другите системски закони што го уредуваат функционирањето на правосудството. Правосудниот испит претставува клучен предуслов за влез во судството, јавното обвинителство, адвокатурата, нотаријатот и извршувањето, при што сите овие закони експлицитно предвидуваат услов за активно познавање на македонскиот јазик. 

Полагањето на правосудниот испит на македонски јазик е во директна функција на проверка на таа јазична и стручна подготвеност, имајќи предвид дека сите постапки, одлуки и службени акти во правосудниот систем примарно се водат и донесуваат на македонски јазик и кирилско писмо, согласно Уставот и законите. 

Согласно член 7 од Уставот на Република Македонија (Амандман VI), на целата територија на Републиката и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Уставната одредба јасно утврдува и дека употребата на друг службен јазик е дозволена под услови и на начин утврден со Устав и закон, без притоа да се дерогира уставната позиција на македонскиот јазик како примарен службен јазик. Дополнително, Законот за правосудниот испит не содржи одредби за полагање на правосудниот испит на друг јазик освен македонскиот јазик.

Согласно член 1 став (1) од Законот за употреба на јазиците (,,Службен весник на Република Македонија‘‘ бр.7/19), на целата територија во Република Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Според став (2) од истиот член, друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон.

Според ставот (2) од истиот член, во согласност со правото на граѓаните да употребуваат било кој од наведените службени јазици од членот 1 став (1) и (2) од овој закон во судските, управните, извршните постапки, предистражните и истражните постапки, кривични и прекршочни постапки, парнични и вонпарнични постапки, постапка за извршување на санкции, како и другите постапки предвидени со други закони. Судовите, јавните обвинителства, како и сите други органи, тела и други институции се обврзани да овозможат користење, употреба и примена на било кој од службените јазици од членот 1 став (1) и (2) и нивните писма во тие и други постапки.

За Законот за употреба на јазиците се произнесе и Венецијанската комисија, а во момнетов до Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи за оценување на уставноста и законитоста. Имено, според Венецијанската комисија Законот содржи повеќе нејаснотии во однос на неговото значење и опсег. Не е секогаш јасно кои одредби од Законот се однесуваат само на албанскиот јазик, кои се однесуваат и на други јазици на заедниците (турски, српски, босански, влашки, ромски итн.), и кои правни субјекти се опфатени со Законот. Оваа текстуална нејаснотија дополнително ќе ја отежни примената на Законот. Затоа, Комисијата го повикува законодавецот повторно да го разгледа Законот за јазиците и, при тоа, да ги земе предвид, во консултација со сите засегнати страни, особено следните препораки:-да се напуштат одредбите од Законот што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки и да се преземат неопходните мерки за да се обезбеди ефективна примена на јазичните барања од Законот за јазици од 2008 година во судските постапки.

Затоа, тезата дека Министерството за правда „нема аргументи“ е неточна и политички мотивирана. Аргументите се јасни, уставни и законски. Она што недостасува во изјавите на вицепремиерот е почит кон правниот систем како целина.

На крај, дозволете ми, да упатам порака до г-динот Сали. 

Уставот не е тема за телевизиски емисии, ниту алатка за политички наративи, а правосудството не смее да биде заложник на ничија агенда.

Оваа Влада има за цел да воспостави ред по години институционален распад, да спроведе реформи, а не да произведува конфликти. Кој сака политика, нека ја води на избори, но кој носи функција во правната држава, мора да ги почитува Уставот и законите.

Поврзани вести