
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска изјави дека во однос на коалициите, во првиот круг на локалните избори СДСМ ќе настапи со сегашната коалиција, а во однос вториот круг од изборите рече дека ќе разговараат и со другите партии во албанскиот блок.
Претседателот на СДСМ најави дека до крајот на оваа недела или на почетокот на следната ќе бидат објавени имињата на преостанатите кандидати за градоначалници за локалните избори 2025, како и дека во следниот период ќе бидат презентирани програмите на нивните кандидати.
Изрази жалење што, како што кажа, владејачката коалицијата не направила ништо да собере мнозинство во Парламентот да се изгласа Изборниот законик.
Власта не се обиде да го собере Бадинтеровото мнозинство. Ние помогнавме, го прифативме предлогот да се намали бројот на потребни потписи за пријавување на кандидатурите од 1% што го укина Уставниот суд, на 0,5%, што мислиме дека е фер и дека добро го регулира тој простор, рече Филипче.
На прашањето дали независните кандидатури може да повлечат нивни гласови на изборите, Филипче не одговори, но посочи дека лично ја поддржува волјата на независните и на граѓаните да кандидираат свои кандидати.
Сметам дека со тоа се зголемува можноста за избор на граѓаните и сметам дека треба да има кандидати. А ние, нормално, ќе се бориме со целиот наш демократски капацитет и со сите демократски инструменти за да ја добиеме довербата на граѓаните, потенцира Филипче.
СДСМ на локалните избори, според него, ќе води позитивна кампања. – Ние нема да се спуштиме на тоа ниво. Ќе водиме добра, позитивна кампања. Ќе ги промовираме нашите кандидати и нашите добри политики. Ќе бидеме генерално фокусирани на локалните теми, но ќе се задржиме и на дел од централните теми, бидејќи сметаме дека е важно луѓето да знаат за кого гласаат, истакна Филипче.
Тој кажа дека не се точни изјавите дека неговата партија заедно со ДУИ подготвува дестабилизација и хаос за локалните избори. Такво сценарио, рече Филипче, ниту има, ниту размислуваме да има. Според него, СДСМ е фокусирана на демократски механизми против власта.
Претседателот на СДСМ рече дека не се консултира со Заев за политички прашања.
Зоран Заев веќе не се занимава со политика. Моите одлуки тука политички ги градиме заедно со раководството, рече Филипче на прес-конференцијата во седиштето на партијата.