
СДСМ е подготвен за избори во секое време – утре, наесен или догодина, а целта е враќање на власта во рацете на граѓаните и обезбедување демократска власт која ќе го продолжи европскиот пат на државата“, изјави денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција.
Филипче нагласи дека партијата ќе се бори за, како што рече, доброто на државата и дека на избори ќе победи демократијата над автократијата, а Европа над Русија.
Ние сме подготвени за избори било кога. Ќе ја вратиме власта во рацете на граѓаните и ќе има демократска власт која ќе го продолжи европскиот пат на земјата, ќе ги унапредува меѓуетничките односи, нема да одзема веќе стекнати права, туку ќе ги зајакнува, и ќе работи на подобрување на односите со соседите“, рече Филипче.
Тој оцени дека актуелната власт создава вештачки поделби и, како што наведе, вештачки непријателства со соседните земји, наместо да гради стабилни и добрососедски односи. Посочи дека младите не треба да ја губат надежта, уверувајќи дека, како што рече, Македонија може и ќе биде демократска држава исчистена од корупција.
Кога СДСМ ќе ги добие изборите, кога и да се одржат, предвремени или редовни, ќе ја вратиме власта кај граѓаните и оваа земја ќе биде со нула корупција“, порача Филипче.
Oдговарајќи на прашање поврзано со ставовите на градоначалникот на Крива Паланка и комуникацијата меѓу централната и локалната власт, Филипче оцени дека таквата соработка е позитивна и неопходна, но дека клучно е дали изнесените ставови се во согласност со волјата на граѓаните.
Добро е кога централната и локалната власт комуницираат, но најважно е дали тоа што го кажува наводно градоначалникот е засновано на барањата и ставовите на граѓаните во Крива Паланка. Ако граѓаните и регионот го одобруваат тоа, нема проблем. Но ако не го одобруваат, тогаш јас и СДСМ застануваме на страната на граѓаните и нивните барања“, истакна Филипче.
Тој повтори дека СДСМ секогаш ќе ја поддржува волјата на граѓаните и дека одлуките мора да произлегуваат од нивните реални потреби и очекувања.

Македонски


