
Државниот завод за ревизија во извештајот за работењето на СРЦ „Борис Трајковски“ за изминатиот период, покрај укажувањата дека нема евиденција што добил спортско-рекреативниот центар од тендерите на Министерството за надворешни работи за негово доуредување за прием на делегациите од Состанокот на ОБСЕ што се одржа во Скопје во 2023, има и забелешки за работата со затоплувањето на базенот кој функционира во рамки на спортско-рекреативниот центар.
–Ревизорите укажуваат на неизвесност во однос на натамошното функционирање на вградениот „соларен систем“ кој се состои од соларни панели и топлински пумпи за загревање на пливачкиот базен. Друштвото за набавка на „соларниот систем‘‘ има исплатено 25.945 илјади денари, а согласно трговските книги на друштвото, неговата сегашна вредност е 2.856 илјади денари. Системот е ставен во употреба во 2014 година и функционирал со прекини заклучно до 2023 година, но поради утврдени технички недостатоци на соларните панели системот не функционира и за нив не е најдено ново соодветно решение, нагласено е во соопштението за јавноста.
Ревизијата открива и дека аква-паркот претстанал со работа кога истекол рокот за гаранција на квалитетот на реквизитите.
– Во 2024 година, Аква паркот е затворен поради економската неисплатливост, како и поради истечениот гарантен рок од 10 години на вградените реквизити, опрема и инсталации, период во кој изведувачите гарантираат за квалитетот на изведените работи, додава ревизорот.
Од ДЗР заклучиле дека има и други пропусти и неусогласености кои се евидентирани и дека надлежните треба да работат на нивно надминување.