Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска одговарајќи на новинарско прашање за случајот со приредбата на ученици со импровизирани пушки и униформи во Основното училиште „7 Март“ во Челопек, потенцираше дека Државниот просветен инспекторат (ДПИ) донел заклучок директорот да преземе дисциплинска постапка кон наставничката, а препорака кон градоначалникот да преземе соодветни мерки за директорот, при што ќе отиде повторно да види што е направено. Таа најави спроведување на обуки за мултиетничност кон крајот на јануари.
ДПИ постапи и мислам дека тоа не е наредба, туку е заклучок или решение. Директорот требаше да преземе дисциплинска постапка кон одредена наставничка, јас не знам која е, а исто така има и препорака за градоначалникот да преземе соодветни мерки за директорот. ДПИ ќе оди повторно да види што е направено. Овие процеси бараат време. Тие се со рокови по закон, рече Јаневска која денеска беше во посета на Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово.
Таа најави проект кој ќе се спроведува со ОБСЕ во повеќе училишта низ земјата. Станува збор за обука за мултиетничност, мултинационалност, за соработка и за соживот. Како што посочи, обуката ќе почне да се спроведува кон крајот на јануари
Обуките ни се поважни од казните. За децата да разберат дека ние сме еднакви луѓе, имаме еднакви права и еднакви можности, додаде Јаневска.
На Денот на албанското знаме – 28 Ноември, во училиштето „7 Март“ во Челопек беше прикажана приредба на деца кои носеа импровизирани пушки, облечени во униформи од УЧК.
Државниот просветен инспекторат изврши контрола на 2 декември, при што беше утврдено одговорност да понесе една од наставничките, која била организатор на приредбата.