
До 13 часот сите патни правци на територијата на Скопје се исчистени и сообраќајот се одвива по влажни коловози – информира Центарот за управување со кризи (ЦУК) во најновиот извештај за состојбата на патиштата.
Во Полошкиот Регион сите патни правци се проодни. Забрана за сообраќај е воведена за тешки товарни возила на патните правци Гостивар-Маврово-Дебар и Гостивар-Стража. Проодни за сообраќај се и сите патни правци во Велешкиот Регион, во Кавадаречко, Кумановскиот Регионот, како и во регионот на Штип и Струмица.
На подрачјето на Кичево и околните населени места врне снег, а на планинските села врнежите се поинтензивни.
Екипи на Јавното претпријатие „Македонија пат“ – секција Кичево, со целата расположлива механизација вршат континуирано расчистување и опесочување на регионалните патишта, при што поради обилните врнежи на поединечни делници има остатоци од снег на коловозот. Во градот Кичево главните улици се исчистени, додека чистењето на споредните улици се одвива отежнато поради паркирани возила. Се продолжува со расчистување на градските населби и патните правци кон селата согласно утврдените приоритети“, наведуваат од ЦУК.
Во Кичевско се расчистува снег од патиштата од село Жубрино до Туин, кон селата Поповјани и Јагол, по што ќе следи интервенција и кон останатите населени места. Во Зајашкиот Регион се врши расчистување на патните правци кон селата Зајас и Строгомиште со шест машини, а потоа ќе се продолжи кон селата Крушино и Кнежино.
Сè уште е во сила забраната за движење на товарни моторни возила на планинските превои Стража и Пресека.
Во Битолско, патните правци кон ски-центрите Пелистер и Нижо Поле се проодни, а приоритетните улици и патишта во Битола се исчистени и опесочени. Во Новаци и Могила нема непроодни патни правци. Регионалните патишта Крушево-Прилеп и Крушево-Демир Хисар се проодни, додека патот Крушево-Пуста Река е втор приоритет и ќе се чисти по престанокот на врнежите, но е прооден за возила со зимска опрема.

Македонски




