
Фестивалот на европската литература „BookStar“ и во 2025 година ја продолжува традицијата да понуди концепт што ќе предизвика размислување, ќе отвори дијалог, ќе поттикне реосмислување на вредностите и креативно ќе се надоврзе на поширокиот книжевно-културен контекст. Единаесеттото издание на Фестивалот ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври во Културно информативниот центар во Скопје. Слоганот „За писателцките работи“ (On Writing Matters) доаѓа од делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт кој се обележува во 2026 г., а надоврзувајќи се на 150-годишнината од неговото раѓање (2024) и на 120-годишнината од објавувањето на „За македонските работи“ (2023). И не е случајно што на почетокот од новиот милениум Мисирков во македонските медиуми беше прогласен за најзначајната јавна личност на XX век, додека „За македонските работи“ се смета за една од најважните книги кога било напишани и објавени на македонски јазик. Поради сето ова, „BookStar“ во фокусот на својот интерес годинава ја става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува.
„За писателцките работи“ е непосредно инспириран од најпознатото делo на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој, не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажа интелектуален и пишувачки маштаб каков што ретко сме виделе во нашата средина. Недоволно сме свесни колку тој со своето пишување и принципи влегол во судир со доминантните модели на политичко и културно дејствување, и на државите од регионот и од целиот континент, туку и во самосвесно и отворено говорење за теми кои не биле (а дел и сè уште не се) лесно прифатливи за неговите сонародници. Повикувајќи на темелно преосмислување на наследените вредности и заговарајќи пресврти преку културна преродба, Мисирков е своевиден „репер“ што треба да го следи описот на интелектуалецот без оглед на потеклото: храброст, визионерство, (р)еволуционерство и бескомпромисност. Со малата лексичка и семантичка преобразба на насловот на неговата книга, слоганот го пренесува акцентот од етничките и општествените прашања кон творечките и книжевните процеси, односно „работите“ што се клучни и значајни за уметноста на пишувањето и во Македонија и во Европа – велат претставници на организаторот на „BookStar“.
Слоганот отвора повеќеслојна интерпретација: Книжевна – писателството како занает, како уметност и како лична мисија; Културна – улогата на авторот во оформувањето и пренесувањето на културните вредности; Општествена – значењето на зборот споделен во јавниот простор, во времиња на општествени и технолошки промени, но и на медиумски шум. „За писателцките работи“ е повик кон разговор за суштината на пишувањето, за одговорноста и слободата на авторот, но и за интимната, често невидлива, работа која стои зад секое напишано дело и која понекогаш носи судбински промени за писателот и за средината во која создава. Слоганот е мост меѓу традицијата и современоста, меѓу македонскиот Дон Кихот и денешната европска книжевна сцена како „melting pot“, создавајќи контекст во кој читателите ќе можат да ја доживеат литературата во еден жив, актуелен, моќен и ангажиран чин.
По многу поводи и во разни ситуации – церемонијални, академски, публицистички, полемички и секојдневни – се зборувало за книгата „За македонските работи“ на Крсте Петков Мисирков. И покрај тоа, таа како да останува и недоволно разбрана и недоволно раширена меѓу македонскиот аудиториум. Главната препрека што книгата не комуницирала со македонската интелигенција и читатели во доволен степен е што таа барем во последните неколку децении не доживеа редакција која целосно ќе биде прифатлива за мнозинството читатели. Додека ја читавме „За македонските работи“ каква што досега можеше да се најде при издавачките куќи, сфаќавме дека јазикот на кој таа е пренесена повеќе не е близок за публиката. И дека за оваа книга и за нејзините тези, со кои секој ќе може понатаму да се согласува или да полемизира, да го досегне своето вистинско и заслужено место, најпрво треба да доживее темелен прочит. Токму затоа „Антолог“ наскоро ќе објави ново издание на книгата, во современа јазична редакција и со предговор на Жарко Кујунџиски, а со поговор на Блаже Конески.

Најпознатото дело на Мисирков става круна на македонската преродба од ХIX век, еден долг и комплексен, но и многу оспоруван процес, а од друга страна, поставува цврст идеолошки и културолошки камен-темелник на современата македонска нација oд XX век. Но, исто така, преку огромна ерудиција и изразен романтичарски налет, таа говори за настани и појави од поблиското и подалечното минато на Балканскиот Полуостров, и визионерски и актуелно дефинира и објаснува настани и појави што ни се случуваат одново и одново на истиот простор, веќе длабоко навлезени во XXI век.
Мисирков ја создава оваа книга на дваесет и осум години и ја објавува во годината што за нас има најголемо симболично значење: годината на Солунските атентати, на Илинденското востание, на загубата на Гоце Делчев, Питу Гули, Лазар Поп Трајков, на основањето на Крушевската Република, на прогласувањето на Крушевскиот манифест, а со делото на Мисирков дефинитивно можеме да ја наречеме – „Годината на македонските работи “. Во целиот овој контекст, Крсте Мисирков не е само значајна фигура од македонската борба за самостојност, туку и надисториски и наднационален феномен што декларативно, еволуционистички, недвосмислено, смело и неповратно издаде проглас за културна борба преку интелектуална програма.
Годинава фестивалскиот плакат е дело на ликовната уметница и графичка и модна дизајнерка Гордана Вренцоска. На плакатот ликот на Мисирков е претставен во нејзина автентична килим-пиксел интерпретација а според познатата црно-бела фотографија, комбинирано со фамозната страница од книгата каде се споменува култната реченица „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“.
Ексклузивната програма ќе донесе настани што ќе треба да одговорат на овој предизвик за македонската и европската книжевност.
Фестивалот „BookStar“ 2025 се одржува под слоганот „За писателцките работи“ и е поддржан од Министерството за култура и туризам, „Комерцијална банка“ и издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и гостувања се реализирани и со поддршка на Наградата за литература на Европската Унија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Чешка, како и на Чешкиот литературен центар. Медиумски покровител на настанот е Македонската радио телевизија.