Skip to main content

Во Македонскиот КИЦ во Њујорк отворена архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“

На 9.8.2025 година, во 19 часот по њујоршко време, пред бројна публика во Македонскиот културен центар во Њујорк (545 W 52nd St), беше отворена архитектонската изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ (Women in Macedonian Architecture: Rebuilding Skopje), проект од национален интерес во културата за 2025 година. 

Резултат на повеќегодишно истражување, изложбата пред американската и меѓународната јавност го претставува креативниот придонес на жените архитекти во македонската архитектура, со нагласок на нивната улога во модернизацијата на Скопје за време на постземјотресната обнова на градот. Истражувањето, исто така, претставува придонес и кон актуелната глобална дебата за улогата на жените во архитектурата и општеството, со цел за придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и културолошко вреднување на архитектонското наследство кое тие го оставиле на идните генерации.

На изложбата во Њујорк се претставени повеќе од 30 дела на избрани архитектки: Мимоза Несторова Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова Костиќ и Росанда Мичева. Образувани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри во поранешна Југославија – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегувал директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по враќањето во Скопје и работата во бројни проектански организации тие извршиле силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти.

Автори на изложбата се архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Истражувањето беше финансирано во 2021 година од Амбасадата на Швајцарија во Македонија, додека реализацијата на изложбата во Македонскиот културен центар во Њујорк беше подржана од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија, Македонскиот културен центар во Њујорк, Организацијата „Македонија 2025“ и Континео 2020.

Изложбата „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ (Women in Macedonian Architecture: Rebuilding Skopje), ќе биде отворена за јавноста до 30 август, 2025 година.

Поврзани вести