
Македонскиот Културно-информативен центар во Белград, од денеска до 29 ноември, ќе биде организатор и домаќин на изложбата „ОТКРИТИЈА“ – прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници, чии дела се наоѓаат во приватни белградски колекции.
На изложбата ќе бидат претставени 14 дела од македонски ликовни уметници, меѓу кои и дела од основоположниците, кои се сопственост на приватната колекција на слики на Игор Станковиќ.
Станува збор за мали ремек-дела на големите мајстори на македонската ликовна уметност, за кои македонската стручна и ликовна јавност многу малку знае, бидејќи освен во Галеријата на САНУ во Белград, овие дела, во најголем дел, ретко или никогаш не биле изложувани во нашата држава.
Ќе бидат претставени дела на Папрадишки, Личеноски, Мартиноски, Чемерски, Мазев, Коџоман, Георгиевски, Корубин, Луловски, Бајалска.
Иницијатор и домаќин на овој несекојдневен ликовен настан во организација на македонскиот КИЦ во Белград е директорот Васко Шутаров, кој ќе го отвори настанот, а изложбата за отворена ќе ја прогласи Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Македонски








